Груевски по сведоштвата на Кадриу: СЈО беше вистинско „злосторничко здружение“

Скопје1.мк's avatar
Автор: Скопје1.мк

објавено пред 9 часа -

Коментари
gruevski

Екс премиерот Никола Груевски се огласи по сведоштвата на екс обвинителката на СЈО, Лејла Кадриу.

— реклама —

Тој напиша обемен статус во кој ги коментира нејзините тврдења во емисијата на Богдан Илиевски.

— реклама —

„ПОРАНЕШНА ОБВИНИТЕЛКА ВО СЈО ЛЕЈЛА КАДРИУ: “Груевски беше во право кога велеше: “сечено, лепено, монтирано”;

— реклама —

“Теренот се припремаше за политичка егзекуција…не можев да гледам”; “Газеа по законот”;

“Тоа беше лов на вештерки”;

Лејла Кадриу обвинител во СЈО:

”Сакаа да престават дека тие се ѕверови кои крадат и убиваат”;

”Се правеше план како да се притискаат судиите. Сите беа под лупа. Да се соработува. Тоа не беше обвинителско професионално однесување, тоа беше каубојско однесување”;

”Требаше да се спреми терен за се да се прифати што СЈО ќе измисли…Значи луѓето работеа незаконски!!!…”;

”ти упаѓаат во предмети и министерот за внатрешни Оливер Спасовски ќе ти кажува што ќе правиш…”;

”На сред колегиум на обвинителот Гаврил Бубевски ќе му заѕвони телефонот, ќе излезе, и доаѓа кажува што да правиме. На крај повеќе ми изгледаше дека тоа е штаб на СДСМ него СЈО”;

самиот Бубевски кажувал дека без тој да дозволи ништо не може да помине;

За предметот ТЕНК: “Од човечки аспект и од професионален аспект сметам дека луѓето се земени на врат”;

”Владимир Панчевски работеше на законот начин, а му се формираа предмети со селективна правда”;

советник на тогашниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски дошол во нејзината канцеларија, да и сугерира кој сѐ уште треба да се опфати во предметите кои тогаш таа ги работела;

случајно ги затекнала Зоран Заев и Радмила Шеќеринска како ги предаваат аудио матерјалите БЕЗ ЗАПИСНИК!”

“Тоа е повреда на постапката од самиот почеток. Крај!”;

За Ленче Ристовска: “ти земаш не законити материјали одушевена од Шеќеринска и од Заев, живи весели…јас си ја земав ташната, капутот и излегов. Јас нема да бидам дел од ова лудило”.

Ги обучувале странски служби…;

На аудио матерјалите донесени од СДСМ во СЈО: “на секое ливче пишуваше “CALLS”. Не “повици”, не “разговори”, туку на англиски”.

Се правел план на колегиум да се купат коли само од таа фирма што била договорена;

дел од екипата и викале: “молчи бре Лејла не прави проблеми. Четири илјади евра ќе имаш плата, бонуси, чуда”;

Покрај платата и законскиот додаток од 35% имале и незаконски 2000 евра месечно приходи: “Тие не смееле да излегуваат од тие 35%, а тие на тие 35% уште по 2.000 евра…и тоа е тотално не законски”.

Адвокатите на Заев се прогласувале за специјални гости во СЈО и се примале по работното време. Тие ги убедувале да се повлече предметот “ПУЧ”. СЈО никогаш не провериле дали има докази. Воопшто не ја отвориле кутијата со матерјалите и доказите примена од ОЈО, а го повлекле предметот од судот со образложение дека нема докази.

“Виновни сме ние како општество што еден аболициран криминалец ти станува премиер и ти ја раководи државата”;

”зборувам само за тоа што моите очи виделе, и моите уши слушнале”;

***

Вистинска штета е што власта во Македонија, досега не се одлучи посуштински и подлабоко да се фокусира на незаконското и наместо стручно и професионално, политичко-партиски контролирано работење на специјалното јавно обвинителство (СЈО) и нивните нарачатели од политиката.

СЈО беше вистинско “злосторничко здружение”.

Една независна истрага на нивните активности многу лесно би го потврдила тоа.

Штетата не е само во тоа што стотици жртви на СЈО не дочекаа казна за неправдите со кои се соочија, а голем дел сеуште не дочекале правда за себе, туку и што еден ден кога ќе се сменат политичките околности, истото може да се повтори, дури можеби и од дел од истите луѓе, но токму против оние кои денес се на власт, независно што можеби некој од нив верува дека нивното непостапување ќе биде наградено со коректно однесување кон нив кога ќе се сменат политичките околности.

Разбирам дека за таа активност освен МВР од кое досега не се слушна дека имало иницијатива, беше потребна волја на главниот јавен обвинител на основното јавно обвинителство (ОЈО), кој според јавните настапи на преставниците на власта не си ја вршеше работата професионално, што доведе до предвремено негово разврешување, но сега веќе се отвори можност за тоа.

Таквото непостапување некои луѓе, вклучувајќи и некои судии дури и денес го сваќаат како одобрување на постапките, криминалниот и партиски контролираното работење на некогашното СЈО од страна на новата власт, но и како премолчен сигнал дека треба да продолжат да работат по старите инструкции од поранешната власт.

Факт е дека досега никој од СЈО или нивните нарачатели од политиката нема никакви последици од новата власт за криминалното однесување во минатото, освен Катица Јанева заради случајот “Рекет”, пред околу пет години. Таа неказнивост ќе ги охрабри во првата можна прилика да го повторат злосторството.

Да потсетам дека тоа беше време кога дури и судиите блиски до СДСМ беа повеќе исплашени од обвинетите од тогашното СЈО.

Тие беа исполнувачи на нивните желби, а ретките кои покажаа автономност и професионално работење беа остранети или разрешени од судии.

Адвокатите беа исплашени.

Некои од нив се повлекоа под лични закани и притисок. Некои не прифатија да бидат како бранители во тоа опасно време во случаите на СЈО од страв да не настрадаат и тие. Имаше и такви кои се премислуваа како во судницата да станат и да кажат нешто во одбрана на обвинителот, а да го кажат на начин што нема да ги налути или сврти против нив лично обвинителите од СЈО или судијата. Дел од нив или пред да кажат нешто во одбрана на обвинетиот најпрвин бараа некоја причина да им кажат некој ласкав збор на судијата или обвинителот. Некои понекогаш под притисокот кој го чудтвувас на паузите или после судењата одеа на приватен разговор со нив, со цел да се до објаснат дека немало ништо лично против обвинителот или судијата со кажаното и со тоа да ја намалат нивната евентуална лутина кон нив лично, за да не се насочат кон нив, бидејќи такво беше времето, многу лесно можеше да се случи тоа.

Сведоците не беа само исплашени, туку голем дел од нив беа преплашени, некои од нив со трауми до денес.

Заканите на СЈО беа многу директни и брутални кон нив: “или ќе потпишеш и ќе кажеш “тоа и тоа”, или и тебе ќе те обвиниме и ќе те осудат на “толку и толку” години затвор”.

Некои од нив уште тогаш пред да потклекнат на заканите ми испраќаа пораки преку мои блиски или преку некој од адвокатите дека се принудени да се спасуваат со лажни сведочења против мене и други, за да се спасат од обвинение и затвор кој нема никаква логика, но во тоа лудо време се беше можно. “Морам да кажам барем нешто што бараат да го кажам, за да не ме уништат”, му рече во лична средба еден од сведоците, поранешен мој соработник. Уцентетитњ сведоци веќе не говореа за вистината, тоа престана да биде тема, туку како да се извлечат без да предизвикаат преголема штета. Сите бевме свесни дека само еден збор да извлечат од нив лажно сведочење, обвинителите веќе градеа цел случај. Гледаа што ни прават нам на обвинетите, и тоа ги наведуваше да мислат дека многу лесно и нив тоа може да ги снајде.

Сепак, има и многу кои останаа цврсти и иако поминаа низ пекол, денес одат со крената глава. Особено во тој дел на мачење сведоци заради изнудување лажни изјави предничеше обвинителката Лиле Стефанова. Онаа за која нејзината колешка Лејла Кадриу во интервјуто кажа дека уште од самиот почеток барала цел апартман во обвинителството и кревет.

Еден дел од самите обвинети беа толку исплашени што по претходно ветување од обвинителот во разговор на само, признаваа не постоечка вина за нешто што не го сториле, со ветување од обвинителот дека ќе добијат поблага казна, и дека ќе можат да се вратат на нормалниот живот, што секако им правеше штета на другите обвинети во случајот кои не сакаа да постапат исто. Но, тоа беше и целта на обвинителите кои немаа ни докази ни сведоци - за нешто да се фатат. Некогаш ветеното се испорачуваше од страна на обвинителот, а во некои случаи обвинетите беа измамени. Ем ќе ги наведеа да признаат вина, ем ќе ги ставеа во затвор.

Имаше и случаи каде по претходна усна спогодба со обвинителот, дел од обвинетите беа уште побрутални и набедуваа друг обвинет од групата заради истата цел.

Таквите до ден денес, години подоцна на различни начини и со различни пристапи по улиците се правдаат и објаснуваат пред пријателите и познатите дури и без да бидат прашани, бидејќи во нивните очи чуствуваат презир, кој веројатно никогаш нема да исчезне.

Голем дел од медиумите и новинарите или заради нивната или пак на сопственикот на медиумот политичка припадност, или заради привилегии и интерес, или можеби дел и заради страв да се спротистават, или можеби закани кон сопственикот на медиумот, силно го подржуваа СЈО и нивните постапки. Голем дел од нив за да не си го погазат јавно кажаниот збор и да се понижат пред јавноста, и денес ги бранат тие ставови, иако убеден сум дека длабоко во нив се свесни дека таму имаше сѐ освен правда и закон. Секако, еден дел од новинарите уживаа во тоа изживување со нас, и воопшто не им беше важно дали е правично или не.

СЈО правеа што сакаат. Ни закон, ни правда ги интересираше. “Газеа” се пред себе за да ја остварат политичката цел некој кој е на списокот од штабот на СДСМ да биде обвинет и осуден.

Судиите ги затвораа очите и судеа што ќе им се каже, а дел од нив и денес не можат да излезат од таа улога и време.

СЈО де факто беа освен обвинители и судии кога ќе се појавеа во судницата. Нивната моќ беше огромна, а заканата која дури и судиите блиски до СДСМ ја чуствуваа беше толку голема, што сервилноста просто беше непријатно да се гледа.

Беше непријатно да се гледа како при предлог на обвинетиот или неговиот адвокат, судијата гледа кон обвинителот со цел, макар и невербално со мимика и гестикулација на лицето да добие одобрување или одрекување за нешто што беше очигледно право. Очекувас барем едно поместување на некој мал мускул од лицето обвинителот кој што ќе им дадеше насока и истовремено ќе им овозможеле мирен сон, во однос на лични проблеми.

Истовремено дел од судиите активностите на СЈО и сервилноста ја гледаа како добра шанса за кариерно унапредување, што дел од нив и го постигнаа, водејќи ги судењата на недолично неправеден начин и носејќи срамни пресуди базирани на претпоставки, без докази и во дел со уценети сведоци.

Таму имаше сѐ освен правда. А неправдата не е остранета ни денес.

***

Јавниот прилично искрен и храбар настап на поранешната обвинителка во СЈО, а пред и потоа во ОЈО - Лејла Кадриу, во интервју на една од националните телевизии минатата недела, беше шокантен за многумина кои се или слаби познавачи на состојбите во поранешното СЈО, или луѓе кои слушнале за многу таквите тешки злоупотреби, директната вмешаност и команда од врвните функционери на СДСМ во нивната работа, незаконитости во работата и жестокиот и чист политички прогон, но не верувале во тоа, главно заради тоа што тие информации најчесто доаѓаа од засегнатите, односно обвинетите или од луѓе од политиката.

Обвинителката во СЈО Лејла Кадриу посочи дека никогаш во животот не била член на ниту една партија и дека како интелектуалец следи, гледа и размислува со своја глава и критикува се што мисли дека не е во ред без оглед за која партија се работи.

Па така, овој пат тие информации не дојдоа и не беа кажани од некој политичар, припадник на партија, новинар или уште повеќе некој кој бил обвинет и бил жртва на СЈО, туку од обвинител од нивните редови, кој бил одбран и предложен од шефот на СЈО Катица Јанева и кој бил сведок на случувањата внатре во институцијата.

Обвинителка која како што самата кажа секогаш сработувала 2 до 3 пати повеќе предмети од она што бил просекот и била посветена и експедитивна, не оставајќи не завршени или заостанати предмети и која најмалку 10 пати во емисијата повтори дека мора да се држиме до Законот и уставот на државата.

Истата била сведок на случувањата во СЈО само два и половина месеци, по што била остранета со образложение од Катица Јанева дека не е “тимски играч”, што во суштина било затоа што се спротивставила на незаконското и криминално работење на обвинителите на СЈО.

Не можам да претпоставам колку ќе требаше да трае тоа интервју ако обвинителката Кадриу наместо два и половина месеци, во СЈО била две и половина години или во целиот период на неговото постоење.

Таа не говореше само за СЈО, туку и за притисоците на власта и поставените лица од нив во ОЈО во време кога изгоре модуларното болница во Тетово и во други настани и скандали.

Почекав околу 5 дена пред да објавам нешто поврзано со ова интервју на обвинителката на СЈО, за да видам дали ќе има деманти од нејзините колеги обвинители во СЈО и ОЈО, или од спомнатите политичари од СДСМ, но такво нешто нема.

Зоран Заев директно и со име и презиме посочен во интервјуто на госпоѓа Кадриу, викендов објави дека ќе почнал за тужи политичари за лажни обвинувања, но за овој случај молчи.

Од настапот на некогашната обвинутелка на СЈО Лејла Кадриу, инаку како што самата кажа албанка по националност, ОЈО доби многу повеќе одколку допрен глас за да започне истрага за сведоштвата на една од ретките лица во СЈО која размислувала со сопствената глава и така делувала, а јавноста дозна неколку важни моменти кои ги пренесувам подолу.

Приложувам и линк од интервјуто на обвинителката Лејла Кадриу за оние кои претпочитаат да гледаат и слушаат, наместо да читаат.

Еве ги нејзините главни поенти:

👉Катица Јанева ги привлекувала обвинителите со ветувањето за многу високи примања, плати, додатоци и други приходи за кои ако се собере се што беше кажано, произлегува дека биле околу над четири илјади евра, во време кога претседателот на републиката имаше плата од околу илјада и петстотини евра, а министрите во владата околу илјада евра.

Наградите кои си ги делеле биле делумно законски, делумно не законски исплаќани. Обвинутелката Кадриу посочи: “Катица се ставаше над законот”.

Ова го сметам за директен повик до ОЈО да го истражи и процесуира сето ова јавно сведочење кажано од страна на поранешната обвинителка, која исто така кажа дека одлучиле дека во првите неколку месеци милион евра мора да се потрошат за да не се вратат во буџетот како не потрошени. Обвинителката Кадриу кажа: “тука треба да се направи една добра финасиска истрага, не е чесно кон граѓаните на нашата држава, тоа се буџетски средства. Да трошиш законски пари од буџетот, за нешто нечесно затоа што “морало” да се потрошат…”

Инаку тој буџет го овозможи владата и парламентот, а беше наметнато од неколку преставници на меѓународната заедница кои притисокот го вршеа во правец дека ако не дадеме повисок буџет, тоа ќе било доказ дека сакаме да ја обструираме работата на обвинителството, затоа што биле потребни пари за сериозни истраги и слично.

Подоцна видовме дека никакви сериозни истраги немаше, и дека тоа само било начин делумно законски и во еден дел не законски да ги корумпираат обвинителите да прават сѐ што треба и сѐ што ќе се побара од нив, само за да не ја загубат позицијата;

Освен две обвинителки кои подоцна беа остранети како лица кои по теркот на Катица Јанева не се покажале како “тимски играчи” што преведено значи не се прилагодиле на не законското работење на СЈО, меѓу кои беше и обвинителката во СЈО Лејла Кадриу;

👉предметите од тогаш веќе објавените снимки ги превземале од ОЈО со пријави напишани на едно ливче, колку да добијат број, а внатре ништо немало превземено бидејќи така било договорено, во смисла да ги превземе СЈО.

Но, аудио матерјалиге ги добиле дури на 29 декември 2015 година, три и пол месеци од формирањето на СЈО.

Ден претходно им било кажано на обвинутелите од страна на Катица Јанева дека не мораат да дојдат на работа тој ден, но обвинителката Лејла Кадриу која присуствувала на новогодишната прослава претходната вечер на која како што кажа многу се пиело и се лумпувало на државна сметка и со парите на граѓаните, сепак тој ден дошла на работа.

Така случајно ги затекнала Зоран Заев и Радмила Шеќеринска како го предаваат БЕЗ ЗАПИСНИК аудио матерјалите и тоа не на единствен овластениот по закон да ги прими и да потпише записник - Катица Јанева, туку на четири други обвинители за кои обвинителката Кадриу кажа “очигледно тие беа главните а не Катица”, обвинутелите Ленче Ристовска, Фатиме Фетаи, Лиле Стефановска и Гаврил Бубевски.

За Гаврил Бубевски јас се сеќавам во тоа време сите информации кои ги добивавме беа дека тој беше главната и најдоверлива врска на СЈО со партијата на власт СДСМ...

“Значи во секое време може некој да додаде, да одземе”, вели Кадриу мислејќи на незаконски примените докази и матерјали без никаков записник…

За четирите обвинители таа кажа дека биле пресреќни и воодушевени заради присуството на Заев и Шеќеринска во СЈО.

Кадриу: “…На Катица и беше важно да излезе на телевизија дотерана, со чипка, како елка…сето друго беше во рацете на овие четири обвинители” посочи нивната колешка од СЈО.

👉Лејла Кадриу за Ленче Ристовска: “ти земаш не законити материјали одушевена од Шеќеринска и од Заев, живи весели…јас си ја земав ташната, капутот и излегов. Јас нема да бидам дел од ова лудило. Јас нема да дозволам во обвинителството да влезат материјали кои не се со записник за примопредавање и нема да седам тука да ве дружам и да пијам кафе, и да се глупирам”

👉Поранешната обвинутелка кажа дека самиот Бубевски кажувал дека без тој да дозволи ништо не може да помине. На забелешката на обвинителката Кадриу дека тоа е незаконско примање на матерјалите, тие кажале дека нема да прават записник за примопредавање.

Таа додаде дека не требало да се согласат да ги примат на таков начин. “Газеа по законот”, вели Кадриу.

“На сред колегиум ќе му заѕвони телефонот, ќе излезе, и доаѓа кажува што да правиме. На крај повеќе ми изгледаше дека тоа е штаб на СДСМ одколку СЈО кое треба да се занимава со истраги за криминал” вели за тогашниот член на тимот и обвинител во СЈО Лејла Кадриу.

👉“Работите се надополнуваа. Се сеќавам едно поладне (по завршување на работното време во 17 часот) дојде Катица и најави специјални гости во СЈО. И во пет одам во салата и гледам четири адвокати на Зоран Заеев”, вели Кадриу, и забележува дека К.Јанева била позитивно превозбудена заради доаѓањето на “важните” гости.

Ова е се во време кога СДСМ не е на власт, уште е ВМРО-ДПМНЕ на власт или можеби дел техничката влада.

Јас знам како беше кога СДСМ дојдоа на власт, но да се задржиме на интервјуто на обвинителката Кадриу.

Што била целта на адвокатите? “Да не убедувале да се даде позитивно мислење да се пуштат од притвор за предметот “ПУЧ”, и дека тука нема никаков криминал. И да де бара предметот да се одземе од ОЈО за организиран криминал за да го земе СЈО и да го затвори”.

Кадриу кажа дека имала издвоено мислење за тоа.

Предметот го добиле од ОЈО и не го ни отварале, само ги одложувале рочиштата неколку пати со образложение дека немаат време да го исчитаат.

Кадриу: “Не се отвори никогаш, за да третиот пат отидат и се одкажат од гонење бидејќи немало докази…и денес ако го земат тој предмет да го отворат, сигурна сум дека уште си седи замотан во фолија како што беше добиен од ОЈО”, вели таа.

Ова значи дека тогаш СЈО го излажале и судот и јавноста дека нема докази за предметот ПУЧ.

СЈО според сведочењето на обвинителката Кадриу никогаш не провериле дали има или нема докази. Доволно им била посетата на адвокатите на Зоран Заев.

Не ја отвориле кутијата со доказите. Не ја прочитале ни изјавата на Ѕвонко Ристевски во која мошне прецизно и ревносно кажал зошто снимал разговори на политичари и по чие барање. Едноставно ја спровеле наредбата од СДСМ.

“Го гледав во ходникот предметот не отворен до крај”, вели Кадриу.

👉Покрај другото ова значи дека аудио матерјалите СЈО ги добиле повеќе од еден месец од законски утврдениот рок во Законот за приватност, што значи дека истите се ништовни како доказ. Ако тоа не го регистрираат македонските судови, еден ден ќе го регистрира судот во Стразбург, кога ќе одлучува по некои од предметите.

Инаку вистинската причина за доцнењето на доставување на аудио матерјалите од информации кои јас ги добив неколку месеци подоцна, не било случајно или заради бавност. На Зоран Заев му требало време да ги преслуша сите и да ги извади неговите и на нему блиските компромитирачки разговори, бидејќи како што изјави во признанието во ОЈО пред тоа човекот кој снимал во МВР - Ѕвонко Костовски , нарачките за снимање биле и за политичари од власта, и за политичари од опозицијата.

Она што не го знае госпоѓа Кадриу е дека на 29 јануари 2015 година, или можеби беше 30 јануари, според информациите кои ги добив во тоа време, на СЈО биле предадени празни касети, колку да се покаже пред камерите и јавноста дека нешто се дава.

Причината според нашите информации од тоа време е што Заев сеуште ги немал сослушани и доострането своите и на своите блиски аудио материјали. Истите тивко се заменети дури после празниците во јануари, кога Заев ја завршил работата.

👉Кадриу: …”вербален деликт не постои. Мора да има матерјални докази….”

👉 Поранешната обвинителка на СЈО кажа дека советник на тогашниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски дошол во нејзината канцеларија, да и сугерира кој уште треба да се опфати во предметите кои тогаш таа ги работела, по што од нејзина страна бил избркан од нејзината канцеларија. “Тој знаеше кој предмет јас го работам, информација која ја имаше само Катица”, вели таа објаснувајки дека само К.Јанева можела да го пушти како надворешно лице да влезе во зградата на СЈО.

Кадриу: “Ти советник на политичко поставено лице, доаѓаш на мене како јавен обвинител под заклетва, да ми кажуваш јас што да правам со моите предмети? Надвор да те нема од канцеларијата, го избркав”, вели Кадриу.

👉”…Тоа беше лов на вештерки”, вели Кадриу.

“Ајде што ги примивме без записник сите материјали, но требаше да се создадат услови да се врши притисок на сите судии што глупост да напишат за тоа (обвиненијата) мора да помине. И за (аудио) матерјалите станат доказ, и за да се прифатат обвиненијата.

Се правеше план како да се притискаат судиите. Сите беа под лупа. Да се соработува. Тоа не беше обвинителско професионално однесување, тоа беше каубојски однесување. А и после тоа, дај го, направи го…тоа беше сосема не законско однесување”, сведочеше пред јавноста екс обвинителката на СЈО Лејла Кадриу.

👉Кадриу: “Се сеќавам имаше некое барање да се прибават некои списи од организиран криминал од ОЈО, кога претседател на кривичниот суд Скопје беше Владимир Панчевски. Тогаш добербата во судот беше 40-50%, ако не и повеќе. Се сеќавам дека претседателот на судот нe дозволи предметот да излегува од судот. Значи, имате потреба, дојдете, направете увид, во присуство на стручни соработници, под камери , повелете, што ви треба ќе се направат заверени копии, ќе се дадат.

Тогаш требаше по секоја цена Владимир Панчевски да не биде таму. Тој беше проблем број еден и требаше по секоја цена да му се измисли нешто. Кога не можеа да му најдат ништо, почнаа да му измислуваат предмет за АКМИС.

Во судовите ако (софтверот) АКМИС определи некој судија кој само што е избран, тој не може да го работи тоа. Затоа менаџира и законитоста е улогата на претседателот на судот…И во другите судови се постапуваше исто, но само на Владимир Панчевски му формираа предмет. Човекот работеше на законот начин а му се формираа предмети со селективна правда. Да беше за сите еднакво, ајде човек ќе рече, но овде беше селективна правда”.

👉Кадриу: ”Теренот се припремаше за политичка егзекуција…не можев да гледам, не законито снимени, не законито донесени во институцијата. Тоа е повреда на постапката од самиот почеток. Крај!

Требаше да се спреми терен за се да се прифати што СЈО ќе измисли…Значи луѓето работеа не законски!!!…

Никој од странците не ни рече: не го почитувај законот! Застани во рамките на уставот и законите. И крај на приказната. Нема тука може-не може. Може и вака ама може и така, не е така. Уставот и законите се такви и мораат да се почитуваат како што се напишани. Во обвинителство не може да се примаат материјали без записник и примопредавање”, вели поранешниот член на тимот на Катица Јанева.

👉 Кадриу: “без записник за примопредавање, тоа не можеш ни да го користиш во постапка како доказ. Јас незнам како апелациониот судија дозволил, фактички ги легализирал, нешто што е примено без записник за примопредавање. Значи сѐ од старт поставено наопаку. И не вештачено.

Отпосле, одкако се воспоствија работите, мислам дека господин Груевски беше во право кога велеше: “сечено, лепено, монтирано””., кажа екс обвинителката на СЈО во јавно сведочење на национална телевизија.

👉”се сеќавам еднаш ми дојде едно писмо со некои фотографии на една маса поставени некои скрипти со ливче одозгора. Тоа беше пуштено од штабот на СДСМ. Дали вие имате услови да ги чувате предметите кои ќе во ги дадеме. Дали имате специјална каса? Ама тоа на една голема маса поставени така, после и се прибави сеф , но на секое ливче пишуваше “CALLS”. Не повици, не разговори, туку на англиски. На секој од тие предмети имаше “CALLS”. Ја прашав Катица зошто пишува на англиски. Немаше одговор”, сведочеше Лејла Кадриу.

👉 Кадриу за подоцнежниот главен јавен обвинител Јовевски: “него не го рачунаа ни два посто…”

👉Обвинителката Лиле Стефанова барала специјално за неа да има и простор и апартман и кревет во обвинителството.

👉за нејзиното остранување од СЈО Катица Јанева само ја известила обвинителката Лејла Кадриу дека веќе не е дел од СЈО бидејќи не била “тимски играч”.

Кадриу го известила совет за јавни обвинители чии претседател ги примил и формирал комисија каде заклучиле дека Катица Јанева постапила не законски, ги пречекорила своите овластувања и ја злоупотребила својата службена положба и овластувања, правејќи им штета на нив двете како обвинители.

Потоа Јанева јавно им се заблагодарила на соработката и изјавила дека нема доволен волумен на работа, па потоа по еден месец бара уште двајца обвинители за што била одбиена.

👉обвинителката Кадриу кажа дела била сведок како требало да се купуваат коли, па се правеле специјални спецификација само за една врста, за да одпаднат сите други при јавна набавка, да се земат коли само од таа фирма што била договорена.

Ова е уште една причина ОЈО да отвори предмет и да ги истражи набавките, покрај не законските приходи на обвинителите на СЈО.

👉Обвинителката Кадриу: “Во случајот “ТЕНК”владата (во случајот МВР) не била обврзана да објавува јавен тендер, затоа што законот дозволува директна набавка бидејќи е специфична набавка, бидејќи тоа ќе се користи за специјални услови за заштита на нашите државни раководства, како и за гости кои доаѓаат, бидејќи таквите коли се изнајмуваат од други држави и се плаќаат огромни кирии за изнајмување на такви коли за ВИП делегации.

Од човечки аспект и од професионален аспект сметам дека луѓето се земени на врат. Јанкуловска тогаш имаше бебе, ја одвоија и ја затворија за ништо! Државата тогаш немаше штета! Злоупотребата се сосостои во штетна последица.

На кого е направена штета? Таа дури и спровела постапка за јавна набавка иако не била обврзана.

Во СЈО на колегиум се зборуваше од кого ќе земаме коли, имаме договорено со него. Јас ги слушав разговорите, бидејќи не бев дел од тие што работеа на јавни набавки…зборувам само за тоа што моите очи виделе, и моите уши слушнале. Зборувам за тоа што активно, свесно го имам слушнати и видено”.

👉разговорите што ги слушале во тоа време биле истите од оние што јавно беа објавени, не во подолгата верзија, бидејќи објавените беа кратени.

Кадриу вели: “памтам дека еден од предметите беше за Мартин Нешковски. Го слушав тој разговор. Бидејќи беше пресуден предмет го прибавив предметот од судот. Да се види дали има или нема криминал. Прво што ми падна во очи беше што тој предмет беше потврден и во Стразбург. Потоа, јас го проучив предметот, направив стратегија да ги сослушам лицата кои се спомнуваат. Кој каде бил, што каде направил, со кого комуницирал. Каде се качил по втор пат, па како настрадал, како дошло до смртна последица. Тоа го испитував и дојдов до заклучок дека е многу чист (предмет)...на крај ништо не излезе од тоа. Сакаа да ја наведат јавноста дека некој убива во оваа држава. Сакаа да престават дека тие се ѕверови кои крадат и убиваат. Виновни сме ние како општество што еден аболициран криминалец ти станува премиер и ти ја раководи државата”.

👉За снимката каде Заев бараше мито: “јавно се слуша евро за мене, евро за брат му, црква…” И одговараше ли за тоа?…

👉дел од екипата во СЈО и викале на Кадриу: “молчи бре Лејла не прави проблеми. Четири илјади евра ќе имаш плата, бонуси, чуда…

Државата ја губиме, од корен ја сечеш државата, а ние ќе измислуваме…”

👉 за поранешниот главен јавен обвинител до 2017 година, Марко Зврлевски (сега покоен) и за искуствата потоа: “никогаш не ми се случило во мојата кариера додека тој човек раководеше, сум одела да реферирам предмети, што е нормална процедура по хиерархија и субординација, никогаш не ми се случило мене некој да ми упаѓа во предмети.

Со овие од СДСМ…, ти упаѓаат во предмети и министерот за внатрешни Оливер Спасовски (министер за внатрешни и премиер во време на СДСМ) ќе ти кажува што ќе правиш, и Јовевски (главен јавен обвинител во време на СДСМ),да се направи вака, да се направи така, ќе се јавува во ОЈО вака-така да се прави…

👉Кафриу за предметот бонуси на СЈО: “тоа е тоа што се бараше како да се потрошат парите. Се измислуваа и се излегуваше од рамките на законот. Тоа не смееше да го дозволат ниту обвинителите, ниту таа (Катица Јанева) немаше право тоа да го дозволи. Се знае обвинителска тоа плата колкава е, додатоци за доверливост, ризик и сл. може до 35%. Тие не смееле да излегуваат од тие 35%, а тие на тие 35% уште по 2.000 евра…и тоа е тотално не законски”.

👉За првиот заменик на Катица Јанева, обвинителката Ленче Ристовска: “таа секогаш сакаше да изигрува жртва, можеби има некој здравствен проблем”.

👉за прифаќањето на Јовевски наредба потпишана во притвор од страна на Катица Јанева: “тоа е изигрување на законот. Како од криминалец ти ќе земаш записници од човек во затвор”.

👉Обвинутелката на СЈО говореше и за други случаи, како разговорот со Оливер Спасовски за водоводот во селото Синичани, од каде чувме и снимка веќе објавена како истата обвинителка се спротиставува на Оливер Спасовски.

Исто така и за трагедијата со пожарот во модуларната болница во Тетово каде 14 болни изгореа и починаа, каде била повикана на испомош од дежурен колега, Кадриу изнесе фрапантни податоци дека на местото на настанот пристигнал главниот јавен обвинител Јовевски со два обвинители да го приклучат на случајот, со цел да ја држи ситуацијата под контрола.

“Ние спроведуваме истрага…како дошло до пожарот како е изградено тоа, и се воспостави дека за таа модуларна болница средствата се обезбедени од светската банка вкупно 90 милиони долари, од кои 30 милиони за 10 модуларни болници.

Направени се од рециклирани матерјали. Кога се распрашував колку чинат панелите со камена волна која не гори 40 минути, а колку чинат рециклирани матерјали со пулпен пени, излезе дека во тоа време дека е 17 евра ова што е безбедно 40 минути, а ова со пулпен пените не е ни 5-6 евра, ако се пресметува тие 10 модуларни болници не можат да чинат повеќе од 300 илјади евра за сите 10, а потрошени се 30 милиони евра.

И што е најцрно во сѐ, кога се издаде наредба да се направи вештачење од страна на вештак по електро техника, дојде известување дека причинско-последичната врска за настанување на пожарот е лошо инсталирана електрична енергија.

Значи кога се ставил тој апарат во утикач, повлекол огромна количина на струја, немало прекидачи, нема разводна табла, затоа доаѓа струјата, не ставиле разводна табла.

И тука прво пропустот е на министерот за здравство, во тоа време Филипче бидејќи тој ја составил спецификацијата без да има елаборат за електрична енергија и без противпожарен елаборат.

Пописот на работните задачи кои ги има Министерството за здравство, објавува оглас, а го спроведува Министерството за труд и социјална политика. Значи разводнување, но на крај се воспостави дека причинско- последично врска е лошо инсталирана електрична енергија...”

“…при распрашувањето на медицинскиот директор, тој кажа дека им понудил два не опремени ката од тетовската болницата и само да ја опремат и да се справуваме со Ковид. Владата инсистирала дека мора да се гради модуларната болница, парите мора да се потрошат, а модуларната болница е ставена до бензинската пумпа до болницата, до резерварот…”

“…тука не е направен ни технички прием при предавање, на економскиот директор му бил даден клучот. Овие директори воопшто не учествувале ниту во набавката, ниту во изградбата. И сега овие двајца се осудени, а овие што го направија тоа се не осудени. Страшна работа.

И тогаш ме суспендирана бидејќи барав дополнително да се направи и градежно вештачење, е тогаш ме суспендираа од работа…Треба пола влада во затвор да отиде…главната одговорност лежи во тој што го објавил огласот, што ги издвоил средствата за тоа, министерот за здравство, заедно со комисијата што ја спремала спецификацијата и изведувачот на работи. Тој не смеел да поставува струја, а да не предвиди склопни табли кои ќе спречат довод доколку дојде до вакви работи”, сведочеше јавно поранешната обвинителка во СЈО.

Кадриу: “и во тоа време со уредба со законска сила (време на Ковид), носат уредба за издавање лиценци за одгледување на марихуана за медицински цели...тие треба да одговараат за тоа”“, вели Груевски.

Сподели

Сподели
Сподели
Сподели
Сподели
Сподели
Сподели

Поврзани содржини

media-libraryk1cc0t2fofm379WmlZ2

Кузеска: ВМРО-ДПМНЕ подготвува враќање на Груевски и уривање на правниот систем

Македонија | пред 4 часа

nikola-gruevski-45

Груевски со обвинувања: „СДСМ ја пропушти шансата да ја врати ОКТА во државна сопственост и создаде нов монопол“

Македонија | пред 3 седмици

media-libraryhg5of4rvvgo6dfNfmAE

(Видео) Зошто Драги Книга не ги смири Груевски и Заеви?

Македонија | пред 1 месец

media-librarypvvqc79d0ct347waByH

(Видео) Со бомбите од СЈО ќе ја разведеа пола Македонија, вели Книга раскажувајќи каква порака пратил Шилегов до Груевски

Македонија | пред 1 месец

Согласност за колачиња (cookies)

Нашата веб-страница користи колачиња за подобрување на корисничкото искуство и анализа на сообраќајот.

Дознај ексклузивно и прв

Прв ќе ги дознаваш ударните и вонредните случувања