Поранешниот премиер Никола Груевски реагираше откако државата повторно ги стави на продажба трите луксузни апартмани во комплексот „Панорама резиденс“, конфискувани по правосилната пресуда во предметот „Плацеви на Водно“. Тој тврди дека становите никогаш не биле негова сопственост и случајот го оцени како политички монтиран процес организиран од тогашната власт предводена од Зоран Заев.
„По којзнае кој пат истите медиуми објавуваат дека наводни мои станови се запленети и се на продажба. Принуден сум повторно да демантирам дека тие станови никогаш не биле мои и дека сето тоа е резултат на еден криминален, политички мотивиран судски процес“, напиша Груевски.
Тој тврди дека обвинителството не докажало дека платил пари за становите, дека бил нивен сопственик или дека постои каков било материјален доказ што го поврзува со нив.
Во објавата повторно изнесува обвинувања кон поранешното Специјално јавно обвинителство, посочувајќи дека бизнисменот Јордан Камчев бил изложен на уцени и притисоци за да даде исказ против него. Според Груевски, Камчев ја променил својата изјава по закана дека ќе добие висока затворска казна, како и неговата мајка и близок соработник.
Тој ја обвинува тогашната обвинителка Лиле Стефанова дека, по налог на тогашниот премиер Зоран Заев, вршела притисоци врз обвинетите, а судот, како што наведува, ги игнорирал доказите и аудио снимките што, според него, ја потврдувале неговата невиност.
Во објавата Груевски упати критики и кон Заев, обвинувајќи го за политички прогон и за злоупотреби за време на неговото владеење, а повторно ги спомена и неодамнешните јавно изнесени обвинувања против поранешната обвинителка Лиле Стефанова поврзани со наводен обид за изнуда на пари од бизнисменот Томе Главчев.
Претходно, Агенцијата за управување со одземен имот објави нов оглас за продажба на трите луксузни апартмани во „Панорама резиденс“, со почетна цена од вкупно најмалку 2,46 милиони евра. Според правосилната пресуда во предметот „Плацеви на Водно“, Груевски беше осуден на девет години затвор, бидејќи судот утврди дека незаконски присвоил околу 1,3 милиони евра од партиски донации, кои биле искористени за купување земјиште и изградба на недвижности.
Груевски од 2018 година се наоѓа во Унгарија, каде доби азил, а постапката за негова екстрадиција сè уште не е завршена.