Џакузи на тераса, панорамски поглед кон Скопје, пространи дневни соби и големи балкони. Вака изгледаат трите луксузни апартмани во комплексот „Панорама резиденс“, кои државата повторно ги нуди на продажба откако беа конфискувани во случајот „Плацеви на Водно“, во кој поранешниот премиер Никола Груевски беше правосилно осуден на девет години затвор. Откако претходните обиди за продажба на два од становите не дадоа резултат, Агенцијата за управување со одземен имот повторно организира јавно наддавање, со почетна вредност од вкупно најмалку 2,46 милиони евра.
Фотографиите објавени во огласите откриваат луксузно уредени апартмани со широки простории, големи тераси, квалитетна опрема, џакузи и поглед кон Скопје.
Два од апартманите имаат станбена површина од по околу 200 квадратни метри и тераси од нешто помалку од 50 квадратни метри. Нивната почетна цена изнесува по 850.000 евра, што значи дека квадратниот метар е проценет на околу 4.250 евра, без да се пресмета површината на терасите.
Третиот апартман е помал, со станбена површина од околу 150 квадратни метри, но располага со тераса од дури 95 квадратни метри. Неговата почетна цена изнесува 760.000 евра.
Според огласот на Агенцијата за управување со одземен имот, заинтересираните купувачи ќе можат да ги разгледаат становите на 16 јули, додека јавното наддавање е закажано за 29 јули.
Два од трите апартмани и претходно беа понудени на продажба, но не добија купувач. За разлика од нив, пред околу една година државата успешно продаде два други стана на Груевски на улицата „Бихаќка“ во центарот на Скопје.
Недвижностите беа конфискувани по правосилната пресуда во предметот „Плацеви на Водно“. Според пресудата, Никола Груевски незаконски присвоил околу 1,3 милиони евра од партиски донации на ВМРО-ДПМНЕ и ги искористил за купување земјиште и изградба на недвижности, поради што беше осуден на девет години затвор.
Во меѓувреме, Груевски сè уште се наоѓа во Унгарија, каде избега во 2018 година. Постапката за негова екстрадиција сè уште не е завршена.