Основниот кривичен суд Скопје денеска донесе ослободителна пресуда за поранешниот премиер Никола Груевски во повтореното судење за предметот „Талир 2“, кој се однесуваше на изградбата на седиштето на ВМРО-ДПМНЕ.
Судијката Даниела Алексовска-Стојановска образложи дека пресудата е директна последица на измените на Кривичниот законик од 2023 година, кои, иако на прв поглед изгледале минорни, суштински влијаеле врз елементите на кривичното дело. Таа посочи и дека обвинителството ниту во повторената постапка, ниту во завршниот збор не го приспособило обвинението на законските измени.
Со оглед дека предметот застарува за околу еден месец, дури и евентуална жалба до Апелациониот суд нема да може да ја промени конечната разврска.
Со денешната пресуда, ВМРО-ДПМНЕ по осум години ќе може да располага со своето седиште – „Белата палата“, проценето на околу 14 милиони евра, како и со останатиот партиски имот вреден околу два милиони евра, кој беше предмет на постапката и беше под ризик од конфискација.
Пред три години ситуацијата беше поинаква. Во 2022 година Кривичниот суд донесе првостепена осудителна пресуда, со која Груевски беше осуден на шест години затвор, Кирил Божиновски доби условна казна, а беше наложена и конфискација на партискиот имот. Меѓутоа, Апелациониот суд во 2023 година ја укина пресудата и предметот го врати на повторно судење.
Во меѓувреме стапија во сила измените на Кривичниот законик, поради кои за Божиновски настапи застареност на кривичниот прогон, додека постапката продолжи само против Груевски и ВМРО-ДПМНЕ како правно лице.
Предметот „Талир 2“ беше отворен во 2019 година и се однесуваше на сомнежи дека седиштето на ВМРО-ДПМНЕ било изградено преку недозволена донација, односно преку договор со компанијата „Бетон“, која во тој период добивала државни тендери. Според обвинението, за возврат за парцела во центарот на Скопје, компанијата бесплатно го изградила партиското седиште, што обвинителството го сметаше за незаконско финансирање на политичка партија.