„Стар си, не ти е местото тука и не можеш академски да напредуваш“ – д-р Дарко Василевски тврди дека ваква порака добил уште во 2022 година, кога конкурирал за работно место на Медицинскиот факултет во Скопје. Четири години подоцна, на нов оглас за истото работно место, вели дека на интервју повторно му била спомената возраста со зборовите: „Ти си 80-то годиште“.
Василевски, лекар и приватен специјализант, јавно реагираше на последниот оглас за вработување двајца доктори по медицина на неопределено време во Институтот за медицинска и експериментална физиологија со антропологија. Тој најави и штрајк со глад, барајќи транспарентна постапка и објаснување според кои критериуми бил направен изборот.
„Скопје1“ му испрати дополнителни прашања за неговите обвинувања, а Василевски сега детално образложува зошто смета дека неговата возраст имала влијание во постапките.
Тој тврди дека проблемот не започнал со последниот оглас, туку уште при неговото прво конкурирање во 2022 година.
„Од член на комисијата кој ме познава, прво беше кажано дека сум солиден специјализант, дека институтот ме турнал во оган и ми дал работни задачи на кои одлично сум одговорил, прифатен од целокупниот персонал и соработлив, за потоа да продолжи дека став на катедрата е дека јас сум ‘стар, не ми е местото тука и не можам академски да напредувам’“, тврди Василевски во одговорите за „Скопје1“.
Следното конкурирање било во 2023 година. Василевски вели дека тогаш работното место било на друг институт, но дека во огласот не било наведено за кој институт станува збор. И на тоа интервју, според неговото сведоштво, повторно се отворило прашањето за возраста.
„Од членовите на комисијата беше констатирано дека веќе има колеги кои се помлади од мене, а имаат стекнато научно-наставни звања и дека ќе треба да примам наредби од нив“, вели тој.
На последниот оглас во 2026 година, пак, тврди дека член на комисијата директно ја споменал неговата година на раѓање со зборовите: „Ти си 80-то годиште“.
Василевски нема точни податоци за возраста на двајцата избрани кандидати. Вели дека врз основа на јавно достапните податоци од Лекарската комора утврдил дека едниот добил лиценца за работа во јануари 2025, а другиот во декември истата година, поради што претпоставува дека имаат околу 26 или 27 години. Тоа, сепак, е негова проценка, а не потврден податок за нивната возраст.
Еден од избраните кандидати, според Василевски, веќе работел на Институтот со договор на дело од претходното лето. Тој тврди дека претходно и самиот побарал средба со деканот и понудил, додека се создадат услови за конкурс, да работи со договор или волонтерски.
На прашањето на „Скопје1“ какви квалификации поседува, Василевски одговара дека ги исполнувал сите услови од огласот и дека е единствениот од кандидатите кој ги поминал сите турнуси од специјализацијата по спортска медицина, за чија програма и спроведување е одговорен токму Институтот за медицинска и експериментална физиологија со антропологија.
Наведува и повеќе семинари, работилници, конгреси и вебинари од ортопедија, спортска медицина, кардиологија и спортска кардиологија. Според него, член на комисијата за време на интервјуто му рекол: „Дарко, гледам ти имаш доста едукации поминато“.
Кандидатите, според неговиот одговор, не биле тестирани. Селекцијата се состоела од разгледување на документацијата и интервју.
Документите доставени до „Скопје1“ покажуваат дека Медицинскиот факултет на 14 септември го известил Василевски дека за двете работни места се избрани Слободан Доксимовски и Дарко Серафимовски и дека со нив ќе бидат склучени договори за вработување на неопределено време. Во известувањето што ни е доставено не се наведени критериумите според кои тие биле избрани.
Два дена подоцна, Василевски писмено побарал од Медицинскиот факултет да му достави број на одлука или решение со правна поука, за да може да ги оствари своите понатамошни законски права.
Во одговорите доставени до „Скопје1“, тој вели дека побарал официјална одлука со критериумите врз основа на кои биле селектирани кандидатите и правна поука, но дека до моментот кога одговарал на нашите прашања не добил повратен одговор.
Ова, според него, не е првпат да бара институционална заштита. За огласот од 2022 година тврди дека писмено се обратил до Деканатот, добил одговор без правна поука, поднел приговор на одговорот, а потоа и претставка до Народниот правобранител. Според неговото сведоштво, од Народниот правобранител по неколку месеци бил известен дека постапката се прекинува.
Дополнително, Василевски тврди дека во 2022 година самиот Институт го повикал да конкурира бидејќи немале соодветен кандидат и затоа што веќе бил вклучен во неговата работа. Последниот оглас од 2026 година, според него, бил за истото работно место.
На директното прашање на „Скопје1“ дали има докази дека изборот бил однапред договорен, дека имало влијание, судир на интереси или фаворизирање, Василевски признава дека нема писмени докази.
„Конкретни докази во писмена форма немам, но на крај секогаш се вработуваат кандидатите чиишто имиња ќе се спомнат веднаш по објавување на конкурсот“, тврди тој.
„Скопје1“ испрати прашања до Ректоратот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Министерството за образование и наука и Министерството за здравство. До објавувањето на текстот не добивме одговори.
Остануваат отворени клучните прашања: според кои критериуми биле избрани двајцата кандидати, дали возраста на Василевски на кој било начин била земена предвид во постапката и дали на интервјуата навистина биле изнесени изјавите за кои тој сведочи. Одговорите на надлежните институции ќе бидат објавени дополнително.