Аргентинската фудбалска ѕвезда Лионел Меси уште еднаш ја покажа својата хумана страна, донирајќи 80.000 евра за обновата на подрачјето Сиера Оесте, кое претрпе огромни штети во неодамнешните разорни пожари во регионот на Мадрид.
Информацијата ја соопшти претседателката на Автономната заедница Мадрид, Изабел Дијас Ајусо, која му се заблагодари на Меси за неговата поддршка.
Пожарите избувнаа кон крајот на јули и зафатија околу 27.000 хектари, при што беа уништени околу 100 куќи, а десетици илјади жители беа принудени да се евакуираат. И покрај големите материјални штети, нема загинати ниту тешко повредени лица. Итните служби интервенирале повеќе од 2.900 пати, најчесто поради проблеми предизвикани од густиот чад.
Автономната заедница Мадрид отвори интернет-платформа за собирање донации за жителите на 17 општини погодени од пожарите, а меѓу првите што се вклучија во акцијата беше токму Лионел Меси.
„Лео Меси донираше 80.000 евра за обновата на мадридската област Сиера Оесте. Му благодарам од срце и се надевам дека наскоро ќе го пречекаме во Мадрид со аплауз каков што заслужува“, изјави претседателката Изабел Дијас Ајусо.