Германската авиокомпанија Луфтханза соопшти дека првата половина од годината ја завршила со загуба, откако наглото поскапување на горивото, предизвикано од американско-израелскиот конфликт со Иран, значително ги зголемило оперативните трошоци.
Во периодот од јануари до јуни, приходите на компанијата достигнале 19,9 милијарди евра, што е за осум проценти повеќе во споредба со истиот период лани. Приходите од превоз на патници пораснале за пет проценти и изнесувале 15,7 милијарди евра.
Сепак, Луфтханза забележала приспособена оперативна загуба (EBIT) од 229 милиони евра, додека во истиот период минатата година остварила добивка од 149 милиони евра. Нето-загубата за првите шест месеци достигнала 542 милиони евра, наспроти нето-добивка од 127 милиони евра една година претходно.
Компанијата превезла нешто повеќе од 60 милиони патници, приближно исто како и лани, додека капацитетот во патничкиот сообраќај бил намален за два проценти.
Најголем удар врз работењето имале трошоците за гориво, кои се зголемиле за 18 проценти и достигнале 4,2 милијарди евра. Просечната цена на керозинот била за 60 проценти повисока од минатата година и изнесувала 1.133,9 долари по тон.
Поради неизвесноста на енергетскиот пазар, управата ја намали прогнозата за приспособената оперативна добивка во 2026 година и сега очекува таа да се движи меѓу 1,7 и 2,2 милијарди евра, наместо да биде значително повисока од ланските 1,96 милијарди евра.
Од компанијата наведуваат дека за годинава очекуваат трошоците за гориво да достигнат 8,66 милијарди евра, додавајќи дека 86 проценти од потребните количини керозин веќе се обезбедени преку договори што ги штитат од нагли ценовни осцилации.