Пратеничката од СДСМ, Сања Лукаревска на денешната седница за пратенички прашања упати прашање до министерот за внатрешни работи, во кое побара одговор за постапувањето на институциите и утврдувањето на одговорноста на службените лица по серијата случаи на семејно насилство. Во обраќањето, Лукаревска посочи дека долга е листата на семејни насилства и порача дека одговорност мора да има:
Во продолжение е интегралното обраќање на Лукаревска:
По трагичниот настан во Тавталиџе, по ужасниот крај на животот на Ивана и на нејзината ќеркичка, присуствувавте на средбата на Националното координативно тело за имплементација на Конвенцијата на Совет на Европа за спречување и борба против насилство врз жените и семејното насилство. На истата, заедно со граѓанските организации, договорени се измени во осум закони: Закон за полициски овластувања, за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство, за социјална заштита, за правда за децата, за бесплатна правна помош, за кривична постапка, за парнична постапка и за исплата на паричен надоместок на жртви од кривични дела со насилство.
Овие измени, за жал, се задоцнети за многу жртви на семејното насилство, кои воедно беа и жртви на институционални слабости. Но, измените мора да бидат направени, имајќи го предвид и фактот дека семејното насилство станува сè поголем дел од содржината на дневните билтени на МВР. И покрај тоа, останува прашањето за кобниот 2 март, што со одговорноста на оние кои не реагирале врз основа на принципот на должно внимание, кој, како држава, сме го презеле согласно Истанбулската конвенција.
Како да не опоменуваа кривичните пријави за таткото на Катја, поднесени за имотни деликти, насилен криминал и недозволена трговија со дрога.
И не е само Стојанче – што ги „поттурна“ Ивана и Катја, Усеин кој 40 пати ја избоде Танкица од Кочани, Илија кој ја избоде Росица во Велес, го уби и нејзиниот татко, па се самоуби, Н.А. кој пред очите на 5-годишната ќерка ја уби Рамајана во Шуто Оризари, вчерашниот грозоморен случај во Куманово, навистина е долга листата.
Имено, и барањата на граѓанските организации беа целосна и транспарентна истрага за постапувањето на сите институции во случајот во Тавталиџе, вклучително и проверка дали постоеле пријави, сознанија и какви мерки биле или не биле преземени.
Суспензија на сите службени лица вклучени во постапувањето сè до завршување на истрагата, утврдување на индивидуална одговорност за секое службено лице кое не постапило согласно законските обврски, соодветни санкции, вклучително и кривична одговорност, и затворски казни за службени лица од МВР и сите други надлежни институции каде што ќе се утврди дека морале, а не преземале мерки.
Моето прашање до вас е докаде е постапувањето во однос на утврдување на одговорност на службените лица во Министерството за внатрешни работи. Без постапување на надлежните институции, законите сами по себе не значат автоматска заштита.