Пратеничката на СДСМ, Сања Лукаревска, на денешната седница ја критикуваше министерката за образование и наука Весна Јаневска за, како што оцени, последиците од политиките што ги спроведува Министерството во областа на образованието.
Лукаревска посочи дека учебната година започнала со повеќе од 3.000 првачиња помалку, 26 затворени училишта и 433 паралелки помалку. Според неа, околу 250 деца, од кои најголем дел се првачиња, останале без образовните асистенти што им се потребни.
Таа ја отвори и темата за наставниот кадар, посочувајќи дека околу 5.000 наставници се прогласени за вишок и праша што ќе се случи со оние кои нема да бидат прераспределени како образовни асистенти.
Лукаревска се осврна и на поплаките од родителите во руралните средини, за намалениот број часови кај дел од наставниците и за договорите на определено време кои, како што наведе, не биле продолжени. Таа посочи и на проблемот со превозот на средношколците од Светиниколско и Кочанско кои се запишани во средните училишта во Штип.
Пратеничката ја критикуваше Јаневска и поради нејзини претходни изјави поврзани со учењето англиски јазик без учебници, како и пораката упатена до првачињата на почетокот на учебната година дека треба да бараат „братче и сестриче“.
Како особено спорна ја издвои изјавата на Јаневска од јули 2025 година дека затворените подрачни училишта би можеле да добијат друга намена, меѓу другото и како старски домови или клубови.
Лукаревска посочи и на резултатите од ПИСА, според кои, како што наведе, само една третина од учениците покажале основно ниво на знаење по математика и читање. Таа ги спомена и проблемите со целодневната настава во одделни училишта, како и со навремено обезбедување образовна поддршка за учениците со попреченост.
На крајот, Лукаревска побара од министерката конкретен одговор дали и натаму стои зад својот став дека затворените, но и училиштата што дополнително ќе бидат затворени, би можеле да се пренаменат во старски домови.