Пратеничката од СДСМ, Сања Лукаревска, во емисијата „24 Анализа“ оцени дека економските политики на Владата не даваат резултати и дека граѓаните се соочуваат со раст на цените, сиромаштија и зголемени трошоци за живот.
„Постојано цените растат и пред да биде криза и сега кога сме во криза. Денес да направите една шопска салата, што некогаш било евтина опција, сега чини како порано што чинеше кило месо“, изјави Сања Лукаревска.
Таа посочи дека Владата нема таргетирани мерки за заштита на животниот стандард и дека предлозите на СДСМ за помош на граѓаните не биле прифатени.
Осврнувајќи се на инфлацијата, Лукаревска наведе дека таа во април достигнала 5,7 проценти, наспроти 4,9 проценти во март.
„Нема простор веќе оваа власт да прави од СДСМ алиби. Тезата дека сме трета економија во светот по раст на БДП треба да се провери кај граѓаните дали го чувствуваат тој бенефит“, рече таа.
Според Лукаревска, растат и расходите на државата, а буџетскиот дефицит веќе достигнал 5,3 проценти.
Таа посочи и дека минималната плата во 2017 година изнесувала 9.000 денари, додека во 2024 година, за време на владеењето на СДСМ, достигнала 22.567 денари.
„Оваа влада повеќе троши отколку што собира“, нагласи Сања Лукаревска.