Еден од најпознатите музеи во светот, Лувр во Париз, се соочува со сериозни финансиски и инфраструктурни предизвици, предупреди новиот директор на установата, Кристоф Лерибо, кој побара дополнителни средства за неопходна обнова на музејот.
Обраќајќи се пред сенатска комисија, Лерибо истакна дека музејот функционира под голем притисок и дека голем дел од неговата опрема и инфраструктура се наоѓаат на крајот од својот работен век.
„И покрај неговата импресивна големина и секојдневната посветеност на вработените, Лувр е на измакот на силите“, изјавил Лерибо, додавајќи дека бројот на итни интервенции поврзани со објектот постојано расте.
Предупредувањето доаѓа по низа проблеми со кои се соочи музејот во последните години, а кулминираа со кражба на царски накит вреден околу 100 милиони долари, која откри сериозни безбедносни пропусти.
Лувр е најпосетуваниот музеј во светот, со околу девет милиони посетители годишно. Во неговите колекции се наоѓаат некои од најпознатите уметнички дела, меѓу кои и „Мона Лиза“ на Леонардо да Винчи.
Освен безбедносните проблеми, музејот се соочува и со штрајкови кои влијаеле врз приходите, измами со билети што предизвикале милионски загуби, како и проблеми со протекување вода и одржување на историскиот комплекс.
Новото раководство предупредува дека без значајни инвестиции ќе биде сè потешко да се зачува функционирањето на една од најважните културни институции во светот.