Голем успех на само 12 години постигна Македон, кој е примен во престижната Програма за талентирани млади при Универзитетот „Џонс Хопкинс“ во САД, наменета за ученици со исклучителни академски способности од целиот свет.
По тестирањето, Македон го добил и признанието „Гранд хонорс / СЕТ“, за исклучителни резултати по математика и вербални способности. „Grand Honors“ претставува највисоко признание за исклучително високи резултати во рамките на CTY тестирањето, додека SET, односно „Study of Exceptional Talent“, е програма и признание на „Џонс Хопкинс“ за ученици кои постигнуваат резултати значително над очекуваното за нивната возраст.
Успесите на Македон се надополнуваат и со резултатот од САТ тестот, на кој на 11-годишна возраст освоил 1.440 поени – 740 по математика и 700 по читање и пишување.
Зад бројките и признанијата, како што истакнуваат неговите родители, стои огромната љубов кон знаењето. Македон досега има освоено повеќе од 20 златни медали на меѓународни математички натпревари.
Неговиот успех е повод за особена гордост за семејството, од каде што му порачуваат да продолжи да верува во себе, да учи, да сонува и да ги поместува сопствените граници.