Советничката од СДСМ во Советот на Град Скопје, Катерина Цаневска, побара одговори од градските власти за начинот на кој се справуваат со ширењето на западнонилската треска во Скопје, посочувајќи дека според податоците на Европскиот центар за превенција и контрола на болести, Македонија има највисока стапка на инциденца на ова заболување во Европа.
Цаневска оцени дека бројот на заболени и починати во изминатиот период е особено загрижувачки, бидејќи, како што рече, во последните 15 години бројките биле значително пониски.
„За справување со опасноста која ги плаши скопјани, справувањето со западнонилската треска – чиста единица. А единица имаме и на европско ниво според податоците од Европскиот центар за превенција и контрола на болести, имаме највисока стапка на инциденца на западнонилска во Европа. Сите изминати 15 години имаме помалку заболени и починати, отколку последниве месеци. Кој ја менаџира кризата тука во Скопје?“, праша таа.
Советничката нагласи дека граѓаните, наместо политички препукувања, очекуваат објаснување зошто системот не реагирал навреме и дали преземените мерки биле соодветни и ефикасни.
Таа побара од градските власти да објаснат какви препарати биле користени при третирањето против комарци, врз основа на какви стручни мислења биле избрани и кој ја контролирал реализацијата на мерките.
„Граѓаните не бараат изговори. Бараат навремена реакција, јасни информации и одговорност“, порача Цаневска.
Таа го праша и градоначалникот на Скопје, Орце Георгиевски, како е можно епидемија на западнонилска треска да биде прогласена во пет од десетте скопски општини, додека во останатите пет тоа не е случај.
„Како е можно во 5 од 10 скопски општини да биде прогласена епидемија на западнонилска треска, а во другите пет? Им забранивте на комарците да дојдат без соодветна лична карта во други општини?“, рече Цаневска.
Таа посочи дека поставувањето прашања за мерките не значи ширење паника, туку барање стручни одговори за постапувањето на надлежните.
„Кој задоцнил? Кој донел погрешна одлука? Кој ја контролирал реализацијата? Кој потпишал дека мерките се успешно спроведени?“, праша советничката.
Цаневска апелираше справувањето со западнонилската треска да не се користи за политички цели, туку да се третира како здравствено прашање, со навремени мерки, јасни информации и одговорност на надлежните.