Ако не се обезбедат средства и нова опрема, државата од почетокот на 2026 година ризикува да остане без телеметриската мрежа од 13 сеизмолошки станици што ја покриваат територијата на цела Македонија и пограничниот регион. Причината – истекувањето на меѓународниот проект AdriaArray, по чие завршување германската влада ќе ги повлече инструментите со кои во моментов се врши мониторингот на сеизмичката активност.
Со ова, Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје ќе остане без функционална опрема, а мрежата за следење земјотреси во реално време ќе биде практично нефункционална. Институцијата веќе алармираше за тешка состојба, поради недостиг на опрема, кадар, софтвери и сеизмометри.
Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, денеска изјави дека постои надеж оти преку тековен конкурс за научно-истражувачки проекти може да се обезбедат барем дел од неопходните средства.
– „Ова прашање е актуелно и е многу значајно бидејќи ние сме трусно подрачје. Германската влада ќе си ги повлече инструментите затоа што завршува проектот“ – изјави министерката на денешната прес-конференција.
Таа додаде дека веќе неколку пати имала средби со директорката на Сеизмолошката опсерваторија и разговарале за можностите за решавање на проблемот.
– „Односно да се обезбедиме, тоа не е помош, тоа е сигурност на сите граѓани на оваа земја. Јас сум многу среќна што кога ги разгледував апликациите на научно-истражувачките проекти, видов дека Сеизмолошката опсерваторија конкурирала на овој конкурс и, според информациите кои ги добивам од комисијата, многу се големи изгледите тие и да го добијат овој проект, со што ќе се обезбедат дел од средствата за да се набават одреден број инструменти. Ако тоа биде така, не можам да прејудицирам, но се надевам дека ќе биде така, малку од малку нешто ќе покриеме, а потоа продолжуваме да го решаваме проблемот за кој сметам дека ургентен и многу значаен“ – рече Јаневска.
Организацијата ORFEUS, која стои зад проектот AdriaArray, од 2023 година инсталираше 13 привремени сеизмолошки станици во земјава. Мисијата е насочена кон подобро разбирање на движењата на Јадранската микроплоча и следење на сеизмичноста во регионот и глобално. Но, веќе во март 2026 година тие ја напуштаат Македонија и продолжуваат во други земји.
Опсерваторијата предупредува дека за минимално ниво на сеизмички мониторинг во реално време потребни се барем десет нови станици, лиценциран софтвер и модерна компјутерска опрема. Во моментов, дополнителен сеизмички надзор се врши и на стратешки точки – браните Козјак и Св. Петка, како и на локацијата Белица кај Кнежево.