Промени во начинот на издавање и контролирање на боледувањата најави Фондот за здравствено осигурување. Предлог-измените ќе бидат доставени до Управниот одбор, а нивната цел, според директорот на ФЗО, Златко Перински, е да се заштитат средствата и да се спречат можни злоупотреби.
Една од клучните промени е намалување на периодот за кој матичниот лекар може да издаде боледување – од седум на пет дена. Воедно, се предвидува олеснување на постапката за лицата кои поради здравствената состојба не можат физички да дојдат за да го извадат боледувањето.
Паралелно со измените, ФЗО планира зајакнување на контролата преку заеднички механизми со други институции, меѓу кои Управата за јавни приходи и Министерството за внатрешни работи.
Новина е и можноста издаденото лекарско мислење за боледување од страна на лекарска комисија дополнително да биде ревидирано врз основа на извештај од контролорот.
Во пракса, контролор по случаен избор или по пријава од работодавач ќе може да изврши проверка на адресата на осигуреник кој користи боледување. Доколку лицето не биде затекнато дома, ќе му биде оставен документ со кој ќе биде упатено да се јави пред соодветната лекарска комисија и да објасни зошто не се наоѓало дома или на местото каде што треба да го користи боледувањето. За случајот ќе бидат известени и работодавачите.
„Фондот за здравствено осигурување за 2026 година во рамки на својот буџет има предвидено 6 милијарди и 454 милиони денари средства коишто се наменети за боледувања и за породилно отсуство. Тоа е значителна сума и во таа насока мораме да го затегнеме системот на контрола“, рече Перински.
Управниот одбор на ФЗО следната недела треба да одржи состанок. Доколку ги усвои измените, ќе биде потребно позитивно мислење и согласност од Министерството за здравство, по што тие би почнале да се применуваат.
Предлог-промена се најавува и за рецептите издадени од дежурните служби. Наместо да важат само до полноќ истиот ден, ФЗО предлага нивниот рок на важење да биде 24 часа. На тој начин, пациентите кои здравствената услуга ја добиле во доцните вечерни часови би имале повеќе време да го реализираат рецептот.