На денешната прес-конференција, Кристијан Дојчиновски од СДСМ ја обвини Владата и премиерот Христијан Мицкоски дека со плановите за привлекување големи комерцијални дата-центри ја загрозуваат енергетската и водната стабилност на државата, ставајќи ги, како што велат, интересите на инвеститорите пред интересите на граѓаните.
Дојчиновски оцени дека иако дигиталната трансформација е важен развоен приоритет, изградбата на таканаречени хипер-скала дата-центри претставува сериозен стратешки ризик за земјата.
Според него, ваквите објекти трошат огромни количини електрична енергија и вода, додека економските придобивки се ограничени.
„Еден голем дата-центар може дневно да троши од еден до три милиони литри питка вода, што е еквивалентно на потрошувачката на град со десетици илјади жители“, рече Дојчиновски.
Од СДСМ предупредуваат дека во услови на климатски промени, суши и зголемен притисок врз водните ресурси, ваквите проекти би можеле дополнително да ги оптоварат системите за водоснабдување и да влијаат врз земјоделството и домаќинствата.
Партијата посочува и на можните последици врз енергетскиот сектор, наведувајќи дека македонскиот електроенергетски систем и сега се соочува со бројни предизвици, а приклучувањето на големи потрошувачи би можело да ја зголеми зависноста од увоз на електрична енергија и да создаде дополнителен притисок врз цените.
Од СДСМ тврдат дека бројот на нови работни места што ги носат ваквите инвестиции е релативно мал во споредба со ресурсите што ги користат.
Како аргумент ги наведуваат и примерите од повеќе држави, меѓу кои Холандија, Ирска и делови од САД, каде што, според нив, поради енергетски и еколошки причини биле ограничени или запрени одредени проекти за изградба на големи дата-центри.
Партијата предлага воведување мораториум за изградба на нови комерцијални дата-центри што користат системи за ладење со потрошувачка на вода.
Доколку се реализираат помали проекти за државни потреби, СДСМ бара инвеститорите да бидат обврзани да користат воздушно ладење и сопствени извори на електрична енергија преку соларни системи и батериски капацитети.
Од партијата ја повикаа Владата да се откаже од, како што наведуваат, неодговорните политики и да ги стави интересите на граѓаните и одржливиот развој пред сè.