На денешната прес-конференција, Кристијан Дојчиновски од СДСМ побара воведување мораториум на изградбата на нови странски комерцијални дата центри кои користат системи за ладење со вода, оценувајќи дека ваквите проекти можат сериозно да ги загрозат водните и енергетските ресурси на државата.
На прес-конференција, Кристијан Дојчиновски од СДСМ изјави дека Владата предводена од Христијан Мицкоски промовира проекти кои, според него, носат значителни ризици за јавните ресурси и животната средина.
Тој нагласи дека иако дигиталната трансформација е важен процес, изградбата на големи комерцијални дата центри не нуди соодветен економски поврат во однос на ресурсите што ги трошат.
„Овие објекти користат огромни количини електрична енергија и вода, додека бројот на нови работни места и даночните приходи остануваат ограничени. Еден голем дата центар може дневно да троши од еден до три милиони литри питка вода, што е еднакво на потрошувачката на град со десетици илјади жители“, изјави Дојчиновски.
Од СДСМ предупредуваат дека во услови на климатски промени, суши и зголемен притисок врз природните ресурси, ваквите инвестиции можат дополнително да ја оптоварат државната инфраструктура.
Партијата посочува дека македонскиот енергетски систем веќе се соочува со предизвици и дека приклучувањето на големи потрошувачи кои работат 24 часа дневно може да ја зголеми зависноста од увоз на електрична енергија и да влијае врз цените за граѓаните.
Според Дојчиновски, искуствата од Холандија, Ирска и повеќе сојузни држави во САД покажуваат дека дел од владите веќе вовеле ограничувања или мораториуми за вакви проекти поради нивното влијание врз животната средина и енергетските системи.
СДСМ предлага целосен мораториум за нови комерцијални дата центри, а доколку се дозволат помали капацитети за државни потреби, инвеститорите да бидат обврзани да користат воздушно ладење и сопствени извори на електрична енергија преку соларни паркови и батериски системи, без оптоварување на националната електроенергетска мрежа.
Од партијата ја повикаа Владата да ги стави интересите на граѓаните и одржливиот развој пред, како што наведуваат, интересите на големите инвеститори.