Родилка на 34-годишна возраст почина на Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје, откако по породување со царски рез дошло до нагло влошување на нејзината здравствена состојба. Телото е предадено на обдукција, а официјалната причина за смртта ќе биде утврдена по пристигнувањето на патохистолошкиот наод.
Од Клиника за гинекологија и акушерство – Скопје информираат дека пациентката била примена во 38 гестациска недела од петтата бременост и на 27 февруари 2026 година била породена со царски рез. Интервенцијата била извршена поради претходни три царски реза, односно станувало збор за четврти оперативен зафат од ваков вид. Според Клиниката, операцијата поминала со уреден тек.
По интервенцијата, пациентката била префрлена на постоперативна интензивна нега. Во текот на престојот се пожалила на силна градна болка, по што веднаш бил повикан анестезиолошки тим и започната срцево-белодробна реанимација. По интервенцијата биле воспоставени виталните параметри, по што пациентката била префрлена на Одделението за интензивна нега и реанимација.
Во натамошниот третман биле вклучени кардиолог и невролог, извршени биле електрокардиограм, ехокардиографија, рендген на бели дробови и повеќекратни лабораториски испитувања, со постојан мониторинг на виталните функции. Од Клиниката наведуваат дека бил применет мултидисциплинарен пристап и целосна современа терапија, но и покрај тоа, пациентката починала на 1 март 2026 година.
Од установата изразија сочувство до семејството и најавија дека по добивањето на обдукцискиот наод ќе ја соопштат официјалната причина за смртта.