Кремљ предупреди дека Украина ќе се соочува со руски одговори поради нападите врз руската цивилна инфраструктура. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека Киев со ваквите дејствија „ја отворил Пандорината кутија“.
Одговарајќи на прашање за нападите со беспилотни летала врз логистичките центри на рускиот интернет-трговец Озон, Песков се повика на неодамнешната изјава на рускиот претседател Владимир Путин, според која Украина се обидува да ја напаѓа инфраструктурата поврзана со трговијата и економијата.
„Последиците во Киев ги чувствуваат секој ден и секоја ноќ, а ќе ги чувствуваат и понатаму“, порача Песков, додавајќи дека нападите, според неговата оценка, не можат да влијаат врз текот на борбите на фронтот.
Украинските сили трета ноќ по ред ги нападнаа логистичките центри на Озон. Нападите врз оваа компанија следуваат по повеќенеделна кампања насочена кон објекти на „Вајлдберис“, најголемиот руски интернет-трговец.
Путин претходно изјави дека Киев со нападите врз руската економска инфраструктура „отворил Пандорина кутија“ и најави дека одговорот ќе ги погоди, како што рече, најчувствителните сектори на украинската економија.