Иако техничкиот дефект што предизвика сериозни проблеми во британската контрола на летањето е отстранет, нарушувањата во воздушниот сообраќај продолжуваат. Според Flightradar24, денеска се откажани најмалку 177 летови, од кои речиси сите на лондонскиот аеродром „Хитроу“.
Проблемите започнаа вчера по дефект на системот за обработка на податоци за летовите со кој управува британската Национална служба за контрола на воздушниот сообраќај (NATS). „Скај њуз“ во текот на денот известуваше за повеќе од 600 откажани летови, додека подоцнежните податоци на Flightradar24 покажаа дека во текот на вторникот биле откажани околу 1.300 пристигнувања и полетувања од британските аеродроми.
Од NATS соопштија дека техничкиот проблем е решен и дека системот повторно работи нормално, но предупредија дека ќе биде потребно време воздушниот сообраќај целосно да се стабилизира.
„Опоравувањето беше многу сложено и предизвика проблеми низ целата воздухопловна мрежа, за чие надминување ќе биде потребно време“, наведоа од NATS.
„Хитроу“ синоќа мораше привремено да ги прекине пристигнувањата, додека полетувањата постепено продолжија. На патниците им беше препорачано пред да тргнат кон аеродромот да го проверат статусот на својот лет кај авиокомпанијата.
Проблеми беа регистрирани и на аеродромите „Гетвик“, „Манчестер“, „Станстед“, „Бирмингем“, „Ист Мидлендс“, „Единбург“, „Бристол“, „Ливерпул“ и на други аеродроми. Нарушувањата се проширија и надвор од Велика Британија, бидејќи авионите, екипажите и патниците останаа на различни локации од планираните.
„Бритиш ервејс“ соопшти дека морал да откаже или пренасочи повеќе од 100 летови и предупреди дека последиците од дефектот ќе се чувствуваат и денес. „Рајанер“, пак, соопшти дека биле погодени повеќе од 65.000 негови патници, а откажани биле повеќе од 50 летови. Компанијата повторно побара смена на извршниот директор на NATS, Мартин Ролф.
Проблемите влијаеле и врз фудбалерите на „Арсенал“. Поради доцнењето на летот кон Италија, тимот морал да ја откаже прес-конференцијата пред натпреварот од Лигата на шампионите против „Наполи“.
Ролф за „Скај њуз“ изјави дека NATS ја презема целосната одговорност за нарушувањето, но дека сè уште не е утврдено што точно го предизвикало дефектот.
„Сè уште немаме точна претстава за тоа што тргна наопаку“, изјави тој.
Британската министерка за транспорт Хајди Александер побара објаснување за инцидентот и гаранции дека системот во иднина ќе биде поотпорен на вакви дефекти. Таа денеска треба да се сретне со Ролф.
Најновиот инцидент повторно ја отвори дебатата за сигурноста на британската контрола на воздушниот сообраќај. Голем дефект на системот за обработка на планови за летови во 2023 година погоди повеќе од 700.000 патници, додека нов технички проблем во јули минатата година со часови го нарушуваше сообраќајот на неколку големи британски аеродроми.