Претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов, предупреди дека со очекуваниот животен век од 76,63 години, според „Статистичкиот годишник на Република Северна Македонија 2025“, се поставува прашањето дали целта е граѓаните да работат речиси до крајот на животот.
Тој смета дека е неопходно да се воведат повеќе можности за пензионирање, меѓу кои пензија по 40 години работен стаж за мажите и 35 години за жените, предвремено пензионирање, бенефициран стаж за градежните работници и за други професии со особено тешки услови за работа, како и можност за докуп на стаж.
Според Трендафилов, потребни се и реформи што ќе овозможат старосна пензија по возраст или по работен стаж, предвремена старосна пензија и неполна старосна пензија.
Тој истакна дека е неопходен и поинтензивен ангажман за намалување на непријавената работа и за целосна наплата на социјалните придонеси.
„Поради непријавената работа државата годишно губи околу 250 милиони евра, кои остануваат во џебовите на газдите. Само на овој начин социјалните фондови можат да станат реално одржливи и да обезбедат сигурност за работниците и граѓаните во услови на болест, старост и невработеност“, порача Трендафилов.