Основната каматна стапка останува на 4 проценти, одлучи Народната банка, оценувајќи дека засега нема потреба од промена на монетарната политика, и покрај зголемените ризици во економското окружување.
Од Извршниот одбор посочуваат дека одлуката е донесена во услови на засилена глобална неизвесност, раст на цените на енергенсите и притисоци врз инфлацијата и девизниот пазар. Воедно, се нагласува дека веќе се применети одредени мерки преку задолжителната резерва и макропрудентните инструменти.
И покрај задржувањето на каматната стапка, централната банка предупредува дека можни се идни затегнувања доколку инфлацијата се задржи на повисоко ниво и продолжи зголемената побарувачка за девизи.
НБРСМ укажува дека глобалните случувања, вклучително и нарушувањата на енергетските пазари и цените на нафтата, создаваат дополнителни ризици за домашната економија. Посебно внимание се посветува на влијанието на конфликтите на Блискиот Исток врз светските пазари.
Инфлацијата во првиот квартал од 2026 година се намали на 3,7%, но останува над претходните проекции, додека базичната инфлација изнесува 3,3%. Од банката оценуваат дека постојат нагорни ризици за идната динамика на цените поради зголемени увозни цени и нестабилност на светските пазари.
Девизните резерви на крајот на март изнесуваат 5,25 милијарди евра и се оценуваат како стабилни, и покрај зголемената побарувачка за девизи. Од НБРСМ наведуваат дека редовно интервенираат на девизниот пазар за одржување на ликвидноста.
Домашната економија, според податоците, бележи раст од 3,8% во последниот квартал од 2025 година, со очекувања за продолжување на растот, но со поумерено темпо и зголемени надолни ризици поврзани со надворешните услови.
Во банкарскиот сектор продолжуваат позитивните трендови, со раст на депозитите и кредитната активност над очекувањата.
Народната банка најавува дека ќе продолжи внимателно да ги следи сите економски движења и ќе реагира со расположливите инструменти со цел зачувување на ценовната и финансиската стабилност.