Американската вселенска агенција НАСА бара четворица доброволци кои ќе учествуваат во едногодишна симулација на живот на Месечината и Марс, со цел да се проучат условите со кои би се соочиле идните астронаути за време на долготрајни вселенски мисии.
Програмата, наречена „Аналожно истражување на Месечината и Марс“ (MMEA), ќе започне во август 2027 година и ќе се реализира во Вселенскиот центар „Џонсон“ во Хјустон.
Иако не станува збор за вистинско патување во вселената, учесниците ќе живеат во услови што максимално ја имитираат средината на Марс и Месечината. Тие ќе престојуваат во ограничен простор, ќе одгледуваат растенија, ќе се грижат за своето здравје и ќе изведуваат симулации на вселенски прошетки.
Од НАСА велат дека истражувањето ќе помогне подобро да се разберат ризиците од долготрајните мисии и да се развијат решенија што ќе им овозможат на астронаутите полесно да се приспособат на животот во вселената. Во рамките на проектот ќе се следи и прилагодувањето на човечкиот организам на марсовскиот ден, кој трае околу 40 минути подолго од денот на Земјата.
За учество можат да се пријават американски државјани или лица со постојан престој во САД, на возраст од 30 до 55 години, иако ќе се разгледуваат и кандидати надвор од овој возрасен опсег. Кандидатите треба да зборуваат течно англиски јазик, да не бидат повисоки од 188 сантиметри и да бидат подготвени вкупно 14 месеци да престојуваат во Вселенскиот центар „Џонсон“, вклучувајќи обука пред и по мисијата.
Од учесниците ќе се бара да поминат строги физички и психолошки тестови, да немаат ограничувања во исхраната, ниту историја на несоница или користење средства за спиење. Предност ќе имаат кандидати со образование од областа на инженерството, биолошките науки, физиката, математиката или други STEM-дисциплини, како и лица со воено искуство.
Програмата ќе се одвива во три фази. Во првата, учесниците ќе живеат во макета на вселенско летало што симулира патување до Месечината или Марс. Потоа ќе се преселат во живеалиште што го имитира животот на површината на друга планета, каде што ќе извршуваат секојдневни задачи и ќе симулираат истражувачки мисии. Последната фаза предвидува симулирано враќање на Земјата.
Од НАСА посочуваат дека ова е прв проект што истовремено ќе опфати симулација на патување и живот на површината на Марс, што треба да придонесе за подобра подготовка за идните мисии кон Месечината и Црвената планета.