Политиката на американскиот претседател Доналд Трамп кон НАТО носи парадоксален ефект: европските сојузници издвојуваат повеќе средства за одбрана и преземаат поголема одговорност, но истовремено расте загриженоста за долгорочната зависност од САД во областа на безбедноста.
Според анализа на „Ројтерс“, НАТО е под силен притисок, но засега нема индикации дека Алијансата се распаѓа. Трамп во изминатите месеци се закануваше со намалување на бројот на американски војници во Европа и ги критикуваше сојузниците поради недоволното издвојување за одбраната.
Европските членки и Канада во 2025 година заедно издвојувале 2,3 отсто од БДП за одбрана, а сите освен Шпанија се согласиле до 2035 година издвојувањата за одбрана и безбедност да ги зголемат на пет отсто.
Особено чувствително прашање е член 5 од договорот на НАТО, според кој нападот врз една членка се смета за напад врз сите. Според „Ројтерс“, дел од европските претставници сметаат дека одвраќањето функционира само доколку Русија верува дека САД навистина би ја бранеле Европа. Токму во тоа уверување се појавиле пукнатини.
Американскиот министер за одбрана Пит Хегсет пред состанокот на НАТО во јуни планирал да најави повлекување на околу 25.000 американски војници од Европа, според извори на „Ројтерс“. Тоа би го намалило бројот на американски војници под законскиот минимум од 76.000. Планот наишол на отпор и во администрацијата на Трамп и во Конгресот.
Наместо тоа, Пентагон започнал шестмесечна анализа на американското воено присуство во Европа. САД моментално имаат повеќе од 81.000 воен персонал на континентот.
Во исто време, Вашингтон продолжува да инвестира во европската воена инфраструктура. Во Романија се вложени повеќе од 100 милиони долари за проширување на базата „Михаил Когалничеану“, додека во Велика Британија се планираат инвестиции од повеќе од 4,2 милијарди долари во седум воздушни бази.
Долгорочна промена се забележува и во набавката на оружје. Според анализата на „Ројтерс“, најмалку осум членки на НАТО бараат начини да ја намалат зависноста од американската воена технологија и одбранбената индустрија. Меѓу нив се Канада, Полска, Данска, Шпанија, Норвешка, Турција, Франција и Германија.
Иако формалното повлекување на САД од НАТО засега се смета за малку веројатно, сојузот веќе се менува. Европа издвојува повеќе за одбраната, развива сопствени капацитети и сè посериозно ја разгледува можноста во иднина да не може да се потпира на САД на ист начин како досега.