Започна првото клиничко испитување на луѓе кое ја истражува можноста за „подмладување“ на клетките преку генска терапија, што претставува значаен чекор во една од најамбициозните области на современата медицина – науката за долговечноста.
Истражувањето се базира на концептот на делумно репрограмирање на клетките, техника со која се влијае врз активноста на одредени гени со цел старите клетки повторно да добијат карактеристики на помлади и пофункционални клетки.
Клиничката студија ја спроведува американската биотехнолошка компанија „Лајф Бајосаенсис“, а во оваа почетна фаза се испитува исклучиво безбедноста на терапијата кај луѓето, а не нејзината способност да го забави или да го врати процесот на стареење.
Првиот пациент веќе ја примил експерименталната терапија, која е наменета за лекување на очни заболувања, меѓу кои и глаукомот – болест што може да доведе до губење на видот. Терапијата е насочена кон три гени за кои научниците веруваат дека можат делумно да ги репрограмираат старите клетки и да ја обноват функцијата на нервните клетки што го поврзуваат окото со мозокот.
Професорот од Харвард и коосновач на компанијата, Дејвид Синклер, смета дека ваквите терапии во иднина би можеле да помогнат во лекувањето на болестите поврзани со стареењето.
Научниците нагласуваат дека патот до евентуална примена е долг и дека, дури и доколку терапијата се покаже безбедна, ќе бидат потребни дополнителни години истражувања за да се докаже нејзината ефикасност.
„Доколку ова епигенетско репрограмирање се покаже успешно, тоа ќе претставува пресвртница за целата област“, изјави Мет Кеберлајн, основач на Институтот за истражување на здраво стареење и долговечност при Универзитетот во Вашингтон.
Во последните години расте интересот за технологиите поврзани со долговечноста, а во секторот се инвестираат милијарди долари. Компанијата „Њу Лимит“, која работи на развој на терапии за продолжување на животниот век, неодамна беше проценета на 3,1 милијарди долари.
Значителни инвестиции во оваа област доаѓаат и од технолошки милијардери. Извршниот директор на „ОпенАИ“, Сем Алтман, вложи 180 милиони долари во компанијата „Ретро Бајосаенсис“, додека „Алтос Лабс“, поддржана и од основачот на „Амазон“, Џеф Безос, беше основана со капитал од три милијарди долари.
Иако засега нема докази дека стареењето може да се запре или да се врати, новото клиничко испитување се смета за важен тест што би можел да ја отвори вратата кон сосема нов пристап во лекувањето на болестите поврзани со возраста.