Ново научно истражување покажало дека стареењето кај луѓето не се случува постепено, туку има два периоди кога телото нагло старее – околу 44-тата и 60-тата година од животот, пренесува „Сајенс алерт“.
Студијата, објавена во списанието „Nature Aging“, анализирала молекуларни промени поврзани со стареењето кај 108 возрасни лица кои во текот на неколку години редовно давале биолошки примероци.
Истражувачите следеле повеќе од 135.000 биолошки карактеристики, вклучувајќи РНК, протеини, липиди и микробиом од различни делови на телото.
Според генетичарот Мајкл Снајдер од Универзитетот Стенфорд, во телото се случуваат драматични промени во средните 40-ти и раните 60-ти години.
„Не старееме само постепено со текот на времето. Постојат периоди на навистина драматични промени“, изјавил Снајдер.
Научниците забележале дека околу 81 процент од анализираните молекули покажуваат значителни промени токму во тие две животни фази.
Промените во 40-тите години биле поврзани со метаболизмот на липиди, алкохол и кофеин, како и со кардиоваскуларни заболувања и проблеми со кожата и мускулите.
Во 60-тите години, пак, биле забележани промени поврзани со метаболизмот на јаглехидрати, имунолошкиот систем и функцијата на бубрезите.
Истражувачите нагласуваат дека менопаузата не е единственото објаснување за првиот „бран“ на стареење, бидејќи слични промени биле забележани и кај мажите.
Тие додаваат дека се потребни дополнителни истражувања за подобро да се разбере процесот на стареење кај луѓето.