На денешната владина седница, беше изгласан предлогот за нов државен јавен обвинител – Ненад Савески, дознава Скопје1.
Следниот чекор е негово финално изгласување во Собранието на Република Северна Македонија, каде што за избор се потребни најмалку 61 глас.
Ненад Савески ќе дојде на местото на Љупчо Коцевски, кој поднесе оставка во декември минатата година.
Претходно за оваа позиција се пријавија пет кандидати, а Советот на јавни обвинители даде позитивно мислење за четворица од нив: Анита Тополова-Исајловска (сегашна вршителка на должност), Ленче Ристоска, Лидија Раичевиќ и судијата Ненад Савески.
Ненад Савески доби позитивна оценка од сите десет членови на Совет на јавни обвинители.
Постапката за избор започна со огласот што го распиша Собранието на 12 јануари годинава, со рок за пријавување од 15 дена од денот на објавувањето во „Службен весник“. Кандидатите мораат да имаат најмалку 10 години непрекинат стаж како јавни обвинители или судии од областа на кривичното право.