Новоименуваниот државен јавен обвинител Ненад Савески, по давањето на свечената заклетва, порача дека обвинителството мора да функционира исклучиво врз основа на законите, без влијание од политиката.
„Интересите на политичките партии не се предмет на мој интерес. Политиката не била и нема да биде дел од мојата работа. Без оглед на тоа колку гласови сум добил, мојата работа ќе зависи од законските обврски“, изјави Савески, осврнувајќи се на фактот дека неговиот избор не доби поддршка од опозицијата.
Тој нагласи дека нема да прави селекција на предметите и дека секој случај ќе има еднакво значење.
„Секој предмет има еднаква тежина. Нема да има приоритети по нарачка, ниту од било кого. Постојат законски процедури по кои ќе се постапува и тие важат за сите“, рече Савески, одговарајќи на прашања за евентуални политички влијанија врз отворање или ревидирање на случаи.
Во однос на прашањето за расчистување со последиците од поранешното Специјално јавно обвинителство, кратко одговори дека веќе дал став на таа тема.
Како приоритет во својата работа, Савески ја најави модернизацијата на обвинителството.
„Прво ќе се сретнам со обвинителите за да се запознаам со состојбите. Планот е дигитализација на системот за управување со предмети, преку кој ќе се следи работата и ќе се обезбеди поголема ефикасност. Ќе гарантирам транспарентност и отчетност – јавноста ќе има одговори за секој предмет“, истакна новиот државен обвинител.