Министерството за внатрешни работи информира дека полициските службеници и натаму се ангажирани на терен, каде заедно со другите надлежни институции постапуваат по пријавите поврзани со невремето. Приоритет е расчистување на последиците, обезбедување на безбедноста на граѓаните и нормализирање на сообраќајот и останатите јавни функции.
Според билансот на МВР, најголема штета е предизвикана на подрачјето на СВР Скопје. До 22 часот биле пријавени 117 оштетени патнички возила, 35 оштетени покриви, 189 паднати дрвја, седум оштетени семафори, пет пожари и 10 повредени лица.
Невремето предизвикало оштетувања и на повеќе јавни објекти, меѓу кои се зградите на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, комплексот „Вили Водно“, Аеродромската полициска база Петровец, објектот „Нова Македонија“, како и објектите на Министерството за финансии, Министерството за земјоделство и Јавното обвинителство.
Во СВР Куманово се регистрирани девет оштетени возила и три оштетени покриви. На подрачјето на СВР Тетово евидентирани се пет случаи, од кои три се однесуваат на оштетени патнички возила, а два на оштетени кровни конструкции. Во Гостивар не се пријавени материјални штети ниту повредени лица.
Во Велес паднати дрвја оштетиле две патнички возила, додека во Штип се регистрирани 14 оштетени возила и шест оштетени покриви.
На подрачјето на СВР Струмица, невремето предизвикало пад на електрични столбови во селата Доброшинци и Градошорци, а без електрична енергија останало селото Свидовица.
Во СВР Битола не се евидентирани посериозни последици. Единствено во реонот на Полициската станица Македонски Брод бил забележан краткотраен силен ветер, без причинета материјална штета.
Во рамките на Регионалниот центар за гранични работи Север, најзначајниот инцидент бил на Граничниот премин Меѓународен аеродром Скопје, каде поради протекување на кровната конструкција бил во прекин излезот од државата во времетраење од околу час и половина.
Во Транзитниот центар Табановце се оштетени дел од шаторите и помошните објекти за сместување на мигранти, а пријавени се и паднати дрвја, без да биде предизвикана материјална штета.