Новозеландската конзервативна коалициска влада ќе достави до парламентот предлог-закон со кој би им се забранило на лицата помлади од 16 години да користат социјални мрежи.
Со предложените правила, платформите ќе имаат обврска да преземат разумни мерки за проверка на возраста на корисниците. Како можни начини за проверка се наведуваат користење на постојните податоци од корисничките профили, технологија за препознавање на лице и дигитални документи за идентификација.
За платформите што нема да ги почитуваат новите правила се предвидуваат високи казни, кои би можеле да достигнат до 10 проценти од нивниот глобален приход.
Премиерот Кристофер Луксон изјави дека владата сака дополнително да ги заштити децата од негативните последици од користењето на социјалните мрежи.
„Едноставно, не можеме да ја прифатиме штетата што им се нанесува на децата“, рече Луксон.
Тој посочи дека децата преку социјалните мрежи се изложени на штетни содржини, технологии што создаваат зависност и притисоци со кои тешко се справуваат, што може да влијае врз нивниот семеен живот, менталното здравје, спиењето и образованието.
Доколку законот биде усвоен, социјалните мрежи ќе мора да воведат поефикасни системи за проверка на возраста и да спречат пристап до нивните платформи за корисници помлади од 16 години.