Силен поларен бран го зафати Нов Зеланд, носејќи снег во пониските предели, затворање на патишта и училишта, како и сериозни нарушувања во траектниот сообраќај.
Според локалните медиуми, снежните врнежи го покрија јужниот дел од земјата, а полицијата ги повика жителите на Данидин да избегнуваат патувања освен ако не се неопходни, поради снегот и замрзнатите коловози.
Поради временските услови беа издадени предупредувања за неколку главни патни правци, а сите основни и средни училишта, како и градинките во Данидин и околните места, останаа затворени. Наставата беше прекината и во Средното училиште „Ист Отаго“ во Палмерстон.
Невремето предизвика проблеми и во Куковиот Теснец, кој ги раздвојува Северниот и Јужниот Остров. Поради силниот ветер беа откажани четири траектни линии меѓу Велингтон и Пиктон, додека компанијата „Блубриџ“ ги откажа сите шест планирани пловидби во вторник и уште две во среда наутро.
Државната метеоролошка служба издаде предупредување и за високи бранови долж брегот на Ваирарапа, каде што се очекуваат бранови високи до шест метри.
Иако снегот не е вообичаена појава во пониските делови на Нов Зеланд, особено на Јужниот Остров, моментално на јужната полутопка е врвот на зимската сезона.