Од 15 септември возачите ќе плаќаат поскап бензин, додека цената на дизелот ќе биде пониска. Регулаторната комисија за енергетика донесе нова одлука со која малопродажните цени на нафтените деривати во просек се зголемуваат за 2,86 проценти.
ЕУРОСУПЕР БС-95 и БС-98 поскапуваат за по 3,50 денари за литар. Новата цена на бензинот БС-95 ќе изнесува 100,50 денари, додека БС-98 ќе се продава за 102,50 денари за литар.
Дизелот, пак, поевтинува за два денари и од 15 септември ќе чини 99 денари за литар. Намалувањето е овозможено со владината одлука за привремено намалување на ДДВ-то за ЕУРОДИЗЕЛ од 18 на 10 проценти, како и со продолжувањето на примената на намалената акциза од четири денари за литар.
Без овие даночни олеснувања, растот на берзанските цени би предизвикал значително поскапување и на дизелот. Во новата пресметка, референтните цени на светскиот пазар се повисоки за 6,25 проценти кај бензините и за 6,67 проценти кај дизелот.
Поскaпува и екстра лесното масло за домаќинство, чија цена се зголемува за 4,50 денари и ќе изнесува 109,50 денари за литар. Кај мазутот е предвидено зголемување од 2,242 денари за килограм, па новата цена ќе биде 48,243 денари.
Во пресметката влијаел и курсот на денарот во однос на доларот, кој во пресметковниот период бил благо понизок, но тоа не било доволно за да го ублажи силниот раст на берзанските цени на рафинираните горива.