Европската централна банка (ЕЦБ) подготвува нова серија евро-банкноти, а конечниот дизајн се очекува да биде избран до крајот на 2026 година. Сепак, новите банкноти нема да се најдат во оптек веднаш, туку дури по неколку години.
ЕЦБ во јули претстави десет предлози за изгледот на новите банкноти, поделени во две теми – „Европска култура“ и „Реки и птици“. Во јавната анкета за изборот учествувале околу девет милиони Европејци, а гласањето заврши на 21 септември.
Доколку биде избрана темата „Европска култура“, на банкнотите би можеле да се најдат познати европски личности. Меѓу предложените се Марија Калас на банкнотата од 5 евра, Лудвиг ван Бетовен на 10 евра, Марија Склодовска-Кири на 20 евра, Мигел де Сервантес на 50 евра, Леонардо да Винчи на 100 евра и Берта фон Сутнер на 200 евра.
Втората тема е посветена на европската природа и комбинира мотиви на реки и птици со објекти поврзани со европските институции.
По изборот на дизајнот ќе следуваат развој, тестирање и производство, поради што новата серија ќе биде пуштена во оптек дури по неколку години.
Од ЕЦБ нагласуваат дека нема потреба граѓаните да ги менуваат сегашните банкноти. Тие ќе ја задржат својата вредност и ќе останат во оптек паралелно со новите.
Планирано е да останат истите апоени, од 5 до 200 евра, а најверојатно и основните бои и димензии. Новата серија треба да донесе и подобрена заштита од фалсификување и поголема пристапност за лицата со оштетен вид.