Американската технолошка компанија Амазон отпушти дел од вработените во одделот за развој на општа вештачка интелигенција (AGI), продолжувајќи со помали реорганизации кои следуваат по големиот бран отпуштања на почетокот на годината.
Од компанијата соопштија дека и понатаму остануваат посветени на развојот на големи модели на вештачка интелигенција, но дека сакаат ресурсите да ги насочат кон проектите што носат најголема корист за корисниците.
„Се фокусираме на иницијативите што се најважни за нашите корисници за да напредуваме побрзо, а тоа подразбира и тешки одлуки, вклучително и укинување одредени работни места во делови од организацијата за развој на AGI“, изјави портпарол на компанијата, пренесува Ројтерс.
Според објави на вработени на интернет-форуми, отпуштањата ги погодиле тимовите задолжени за податоци и управување со информации во рамките на одделот за општа вештачка интелигенција. Компанијата не објави колку вработени останале без работа.
Општата вештачка интелигенција (Artificial General Intelligence – AGI) е концепт што се однесува на систем способен да учи, да се приспособува и да извршува широк спектар задачи на ниво еднакво или повисоко од човечките способности.
Амазон во јануари отпушти околу 16.000 вработени, а потоа продолжи со помали намалувања на бројот на работници во одделни деловни единици, меѓу кои и секторите поврзани со развојот на вештачката интелигенција.