Откако Собранието со мнозинство гласови изгласа интерпелација за државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, тишината што следеше од неговиот кабинет одекнува погласно од било каква одбрана. Без јавен став, без најави дали ќе си замине или ќе се држи за функцијата како последен бастион на самобендисаност, Коцевски продолжува да молчи.
Интерпелацијата е јасен политички и институционален сигнал – на човекот што го избраа преку ноќ, сега не му веруваат. Но дали и самиот ќе разбере што значи тоа?
Од Јавното обвинителство – молк. „Скопје1“ побара официјален одговор: дали државниот обвинител ќе си замине по поразот во институцијата која му ја даде функцијата? Одговор нема.
На социјалните мрежи, реакциите беа брзи. Адвокати, универзитетски професори и граѓани го критикуваа Коцевски и целокупниот систем што дозволува партиска и нетранспарентна распределба на клучни правосудни функции.
Професорот Гордан Калајџиев кратко илустрираше: „Последната будала“ – цитирајќи ја изјавата на покојниот државен обвинител Александар Прчевски, кој уште во 2006 година предвиде што ќе значи оваа функција во држава каде власта го користи обвинителството како продолжена рака.
А токму тоа се потврди. Собранието донесе и заклучок дека наводите во интерпелацијата се основани. Истиот ќе биде доставен до Владата и до самиот Коцевски – за кого оставката би била морален, но и логичен чин.
Но дали е тоа доволно? И што доколку одлучи да остане, игнорирајќи ја пораката од оние што го донесоа – дека ја загубил довербата?
Тогаш Владата може да ја продолжи постапката за разрешување, која ја запре во моментот кога се случи трагедијата во Кочани. До нив, Советот на јавни обвинители достави мислење со кое сметаат дека Коцевски треба да остане на фукцијата, а тие со нивни став можат да го достават до Собранието, каде пратениците можат да гласаат одново за јавниот обвинител да си замине.