Акцијата што утрово беше спроведена на повеќе локации низ државата е резултат на двегодишна предистражна постапка што ја водеше Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) во координација со Управата за финансиска полиција.
Надлежен обвинител донел наредба за спроведување истражна постапка против 13 лица, меѓу кои четворица косовски државјани и една државјанка на Хрватска. Осомничените се товарат дека во периодот од 2014 до 2023 година организирале и учествувале во криминална група која со даночно затајување, измама и перење пари му нанела огромна штета на Буџетот на државата.
Групата креирала мрежа од правни субјекти преку кои спроведувала фиктивна трговија со нафтени деривати и издавала фактури со невистинита содржина за да избегне плаќање даноци и да прибави незаконски поврат на ДДВ. Трговијата со горива како Еуросупер, Еуродизел и Екстралесно масло се одвивала без потребните лиценци, а во повеќе случаи продажбата се вршела без издавање фискални сметки. Средствата прибрани во готово не се евидентирале во сметководството.
Странските државјани биле формално назначени за управители на повеќе правни субјекти, иако немале регулиран престој во земјава, што организаторите го користеле за прикривање на сопствената вмешаност. Со готовинските приходи биле вршени трансакции и преноси на средства за прикривање на нивното потекло, при што биле стекнати милионски суми со кои се сторени делата даночно затајување и перење пари.
Обвинителството предложи мерка притвор за сите осомничени. Судот веќе одреди 30-дневен притвор за седум лица кои се обезбедени, додека за останатите шест – петмина странци и еден македонски државјанин – притворот ќе биде определен во отсуство.