Кога ќе се собере производството на нафта во Соединетите Американски Држави, Канада и цела Латинска Америка – од Мексико до Аргентина, вклучувајќи ги Бразил, Гвајана и Колумбија – се добива речиси 40 отсто од вкупното светско производство. Денес, сите тие подрачја, сакале тоа некои или не, се наоѓаат под сè поагресивната сфера на влијание на Вашингтон, во рамки на она што аналитичарите иронично го нарекуваат „Донро доктрина“. Со тоа, американскиот претседател Доналд Трамп, според анализата на Хавиер Блас за „Блумберг“, создаде сопствено нафтено царство.
Не станува збор за подземни резерви за чие искористување би биле потребни години и милијарди инвестиции, туку за реални барели нафта кои веќе се слеваат на светскиот пазар. Со вакви ресурси, Трамп располага со економска и геополитичка полуга каква што, според проценките, немал ниту еден американски претседател уште од времето на Френклин Д. Рузвелт во 1940-тите. САД денес можат да црпат од огромно „море“ нафта во сопствениот двор.
Последиците од практично неограничениот пристап до венецуелските резерви, најголеми во светот, станаа очигледни за целиот енергетски сектор, а особено за геополитичките противници на Вашингтон. Рускиот олигарх Олег Дерипаска, кој е под американски санкции, отворено оцени дека САД би можеле да ја држат цената на нафтата околу 50 долари за барел, со што би добиле клучна предност против секој што би се обидел да ја зголеми цената преку ограничување на понудата.
Фактичката контрола врз нафтното богатство на западната хемисфера ги менува правилата на геополитичката игра. Со децении, американските воени интервенции беа ограничувани од стравот дека конфликтите ќе предизвикаат раст на цените на енергенсите. Денес, Белата куќа има предност и над сојузниците и над противниците кои произведуваат нафта – без разлика дали станува збор за Саудиска Арабија, Иран, Нигерија или Русија.
Изминатите 18 месеци, според анализата, веќе покажаа што значи ова ново енергетско богатство за американската надворешна политика. Администрацијата на Трамп презеде чекори кои до неодамна изгледаа незамисливи – од напади врз ирански нуклеарни постројки до поддршка за Украина во напади врз руски рафинерии. Апсењето на Николас Мадуро од неговата обезбедена резиденција во близина на Каракас беше најшокантниот пример досега за тоа што се случува кога нафтата повеќе не го ограничува Пентагон.
Контролата врз венецуелската нафта му дава на Вашингтон уште една клучна предност: можноста да одбива туѓи понуди. Со месеци, Кремљ се обидуваше да ги стави сопствените резерви на маса како адут во преговорите со Белата куќа. Сега, Трамп може да му порача на Владимир Путин дека американската економија нема потреба од сибирските полиња – бидејќи нафта има повеќе од доволно во сопствената сфера на влијание.
Сепак, анализата укажува дека не е сè заслуга на Трамп. Тој, во голема мера, се најде на власт во вистински момент. Американската нафтна индустрија би доживеала подем и без него, благодарение на експлоатацијата на шкрилците во САД, тешката нафта во Канада и големите откритија во Бразил и Гвајана. Од тие придобивки корист имаа и неговите претходници, Џо Бајден и Барак Обама.
Она што Трамп го направи, според Блас, е дека целото тоа нафтено богатство го стави под безбедносниот чадор на Вашингтон. Повеќе од два века по прогласувањето на Монроовата доктрина, со која Латинска Америка беше означена како американска сфера на влијание, Трамп ја „ажурираше“ за 21 век. Овој пат, централната оска не е идеологијата, туку природните ресурси.
Во таа нова надворешнополитичка матрица, секоја нафтено богата држава во Латинска Америка има значење, но Венецуела е најголемата награда. Не поради сегашното производство, кое со околу еден милион барели дневно заостанува зад Бразил, туку поради потенцијалот. Во 1970-тите, земјата произведувала над 3,7 милиони барели дневно, а плановите од 1990-тите предвидувале раст до пет, па дури и 6,5 милиони барели. Доаѓањето на Уго Чавез, а потоа и на Мадуро, го запре тој развој.
Светот, наведува анализата, можеби нема итна потреба од дополнителна венецуелска нафта денес или во следните неколку години, но потребата ќе се појави во раните 2030-ти. До тогаш, доколку Каракас прифати соработка со Вашингтон, производството може значително да се зголеми.
Поредокот по Мадуро, кон кој Трамп очигледно тежнее – со Делси Родригез како привремена власт во форма на „помека“ диктатура – според проценките, им одговара на американските нафтени компании. Таа веќе воведе одредени пазарни принципи за стабилизација на економијата, а нејзините јавни реакции против американската интервенција се сметаат главно за порака до домашната јавност.
Самиот Трамп не ги крие очекувањата. Тој јавно изјави дека најголемите американски нафтени компании ќе влезат во Венецуела, ќе инвестираат милијарди долари, ќе ја обноват уништената инфраструктура и ќе почнат да создаваат профит. Неколку часа претходно, за „Фокс њуз“ најави дека САД „многу силно“ ќе се вклучат во венецуелската нафтена индустрија.
Иако неговите изјави традиционално се примаат со резерва, вториот мандат покажа дека Трамп реализира голем дел од она што го најавува. Ако вели дека Америка ќе влезе длабоко во венецуелската нафта, тогаш, заклучува анализата, тоа треба да се сфати сериозно. Можеби проектот нема да биде толку грандиозен како што се најавува, но едно е јасно: нафтата на Венецуела веќе е дел од новото американско царство, кое се протега од Алјаска до Патагонија – под будното око на Вашингтон.