„Претрес“ на Драги Книга: Груевски, Арсовска, Заев... поврзаност на политиката, бизнисот, подземјето
kz2fiBoVvcg

Од бадниковата вечер до божиќната радост: обичаи што го чуваат духот на заедништвото и раѓањето на животот

Скопје1.мк's avatar
Автор: Скопје1.мк

објавено пред 3 дена -

Македонија
badnik-i-bozhikj-praznici-na-semejstvoto-214496

„Кај и да си за Бадник и Божиќ, дома да си“ е една од најпознатите народни изреки поврзани со овие празници, кои во себе ја носат симболиката на раѓањето на животот, семејната заедница, љубовта, приврзаноста и светлината во душата на луѓето. Токму затоа, за време на овие големи христијански денови, членовите на семејството се собираат во домот и заедно ја споделуваат свечената празнична трпеза, како израз на духовна и човечка блискост.

— реклама —

Бадник е последниот и најстрог ден од божиќниот пост. Името го добил по дабовото гранче – бадник, кое традиционално се сече тој ден, се внесува во домот и се пали. Во народот се верува дека Бадник значи „будник“, односно ноќ во која се бдее и се чека радосната вест за раѓањето на Спасителот. Иако обичаите се разликуваат од регион до регион, низ Македонија постојат заеднички елементи што го обележуваат празникот: бадниковите гранчиња, коледарските песни, богатата посна трпеза, лепчето со паричка, бадниковите огнови и бројните обичаи поврзани со здравјето, плодноста, бериќетот и среќата во домот.

— реклама —

Во некои места сè уште се оди по бадник во блиската шума уште во рана зора, со кој потоа се украсуваат влезовите на куќите, а навечер се пали во огништето, често натопен со црвено вино. Денес, сè почесто бадниковите гранчиња се земаат од црквите, каде се осветуваат, или се делат на градските плоштади, каде граѓаните заеднички го одбележуваат празникот.

— реклама —

Рано наутро на Бадник, децата во групи одат од куќа до куќа и пеат коледарски песни, а домаќините ги даруваат со ореви, јаболка, бонбони и ситни пари. Најсвечениот чин од празнувањето е бадниковата вечера, која секогаш е посна, но богата и внимателно подготвена. На трпезата се наоѓа лепче со паричка, познато како кравајче, посна сарма, грав, риба, зелник, овошје и други јадења.

Пред вечерата, домаќинот го внесува бадниковото гранче во домот со зборовите „Добра вечер и среќна Бадна вечер“, а домаќинката одговара „Добровечер, Бадњаче“. Гранчето се полева со црвено вино и се пали, а во некои домови се пали и темјан со кој се закадуваат сите простории за здравје и благосостојба. Највозбудливиот момент е делењето на лепчето и барањето на паричката, за која се верува дека носи среќа и напредок во годината што започнува. Бадниковата трпеза, според обичајот, не се раскрева до следниот ден, со верување дека во текот на ноќта Господ ќе дојде и ќе се благослови домот.

Постарите генерации сведочат дека Бадник некогаш се славел поскромно, но со исклучителна посветеност и љубов. На трпезата имало повеќе видови лепчиња со симболична намена за членовите на семејството и за добитокот, а вечерата често се служела на земја, врз слама, со запалена свеќа и молитва пред јадењето. Сето тоа имало за цел да се обезбеди здравје и бериќет во домот.

Во поново време, во многу градови се практикува и палење на бадникови огнови по маалата или на плоштадите, со заедничко дружење, иако црквата укажува дека станува збор за пагански елементи кои постепено се напуштаат.

Божиќ, пак, е највеселиот христијански празник и се празнува три дена. Тој го означува раѓањето на Исус Христос и победата на светлината над темнината. Уште од рана зора се слушаат црковните ѕвона, верниците се облекуваат свечено и одат на литургија, а меѓусебно се поздравуваат со зборовите „Христос се роди – Навистина се роди“. Со Божиќ завршуваат и долгите пости, па трпезата станува мрсна и богата.

Особено значење има и „полазникот“, првиот човек што ќе влезе во домот на Божиќ, за кого се верува дека ја носи среќата, здравјето и напредокот во текот на целата година. Трпезата е богата, со печено месо, погачи, слатки и вино, а погачата со паричка повторно има централно место. Се верува дека сè што ќе се направи на Божиќ ќе се повторува во текот на годината, па затоа овој ден треба да помине во мир, простување и радост.

Бадник и Божиќ се празници кои, и покрај промените на времето, и понатаму ја чуваат суштината на семејството, верата и заедништвото, потсетувајќи дека вистинската светлина започнува од домот и од срцето на човекот.

Сподели

Сподели
Сподели
Сподели
Сподели
Сподели
Сподели

Поврзани содржини

media-libraryun950ciu3ctm6qZMU3I

Претседателката Сиљановска-Давкова ја врачи Големата годишна награда за најуспешно реализирано архитектонско дело во 2025 година

Македонија | пред 1 седмица

crkva-pozar

Голем пожар зафати црква во скопско Мршевци

Македонија | пред 5 месеци

Matejce-crkva-e1741343403868

(Фото) Вандализам на манастирот „Пресветна Богородица“ во Матејче: провалиле, копале, краделе

Македонија | пред 10 месеци

Ostrog02

Денеска е Свети Василије Остроски, денот кога се можни најголемите чуда: Ова се обичаите кои треба да се почитуваат

Магазин | пред 1 година

Согласност за колачиња (cookies)

Нашата веб-страница користи колачиња за подобрување на корисничкото искуство и анализа на сообраќајот.

Дознај ексклузивно и прв

Прв ќе ги дознаваш ударните и вонредните случувања