Во црквата „Рождество на Пресвета Богородица“ во Скопје била прочитана посебна молитва за американскиот претседател Доналд Трамп и за Соединетите Американски Држави по повод одбележувањето на 250-годишнината од независноста на САД, пишува „Религија.мк“.
Според порталот, молитвата ја прочитал отец Михаил, а за тоа сведочи објава на Фејсбук од Слаѓана Аврамоска Митрис, активистка на македонската дијаспора во САД. Таа објави фотографија со отец Михаил и со потпретседателот на Сојузот на стопански комори на Македонија (ССКМ), Орце Симов, направена по богослужбата во храмот.
Во својата објава, таа напиша дека е благодарна за посебната молитва и благословот што отец Михаил ги упатил за американскиот претседател Доналд Трамп и за Соединетите Американски Држави по повод Денот на независноста, како и за поддршката од Орце Симов.
Како што пишува „Религија.мк“, од Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) потврдиле дека не станува збор за редовна практика во сите храмови, туку за самоиницијативна одлука на конкретниот свештеник.
Отец Михаил претходно служел во црквата „Свети Јован“ во Капиштец, а неодамна бил преместен во црквата „Рождество на Пресвета Богородица“ во центарот на Скопје.