Кандидатите за градоначалници уште денеска имаат шанса дс ги претстават своите програми и ветувања.Од вечерва на полноќ почнува изборниот молк кој ќе трае до недела. До тогаш граѓаните можат да размислат кому ќе му го дадат својот глас.
На 2 ноември ќе се одржи вториот круг од локалните избори.
Во вториот круг ќе се гласа во 32 општини и во Градот Скопје, а ќе се прегласува за членови на Совет на три избирачки места во општината Шуто Оризари.
Во сабота според законот ќе гласаат болните и изнемоштените, затворениците и лицата во домашен притвор.
Во Градот Скопје во трката за градоначалник се кандидатот Орце Ѓорѓиевски, поддржан од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата и Амар Мециновиќ од Левица.
Во Карпош ќе се натпреваруваат Стевче Јакимовски од коалицијата ,, Искуство за успех и кандидатот од ВМРО-ДПМНЕ, Сотир Лукровски, во Аеродром каде во игра се Дејан Митески од ВМРО-ДПМНЕ и Александар Трајановски од СДСМ, во Центар битката ќе се води меѓу Горан Герасимовски од СДСМ и Мирослав Лабудовиќ од Движењето ЗНАМ.
Во втор круг во Шуто Оризари ќе се соочат Ерџан Демир поддржан од ВМРО-ДПМНЕ и Курто Дудуш од Унија на Ромите.
Втор круг ќе има и во Брвеница, Валандово, Виница, Дебар, Дебрца, Демир Капија, Кичево, Конче, Кочани, Крушево, Куманово, Лозово, Македонска Каменица, Македонски Брод, Неготино, Пробиштип, Ранковце, Росоман, Струга, Студеничани, Тетово, Чешиново-Облешево и Чучер Сандево.
Во Гостивар, Врапчиште, Центар Жупа и Маврово на 2 ноември нема да има гласање бидејќи во првиот круг од локалните избори не беше исполнет законскиот цензус на излезени граѓани. Тука изборната постапка почнува одново по објавувањето на конечните резултати од локалните избори.