По првпат од почетокот на конфликтот кој пред околу два месеци го започнаа САД и Израел, од меѓународниот аеродром во Техеран повторно полетаа меѓународни летови, јавуваат иранските државни медиуми.
Летовите од меѓународниот аеродром Имам Хомеини се реализирани кон Истанбул, Мускат и саудискиот град Медина, соопштија државната агенција IRNA и државната телевизија IRIB. Медина е едно од клучните одредишта за муслиманските верници кои патуваат на аџилак во Мека.
Иран го затвори својот воздушен простор за цивилен сообраќај по нападите на 28 февруари, по што следеа одговори со ирански удари врз заливски земји сојузници на САД, што предизвика сериозни нарушувања во глобалниот воздушен сообраќај, особено во Дубаи и Абу Даби.
Постепеното отворање на воздушниот простор следи по примирјето што стапи на сила на 8 април со посредство на Пакистан. Иранските власти претходно одобрија и аеродромот во Машхад повторно да прима меѓународни летови со цел да се намали притисокот врз Техеран.
И покрај отворањето, дел од европските авиокомпании и натаму го избегнуваат иранскиот воздушен простор поради безбедносната неизвесност и зголемените ризици за цивилното воздухопловство.