Повеќе од половина век, старото лого на „Алкалоид“ беше препознатлив дел од силуетата на 34-метарскиот фабрички оџак во Автокоманда. Денес, оригиналниот знак е зачуван и доби ново место како дел од уметничка инсталација на македонскиот артист Сатја Грабул, со што продолжува да ја сведочи историјата и развојот на компанијата.
Стариот фабрички оџак бил изграден во 1936 година за потребите на погонот за екстракција и преработка на алкалоиди од македонскиот афион. Неговата активна функција престанала кон крајот на шеесеттите и почетокот на седумдесеттите години на минатиот век, кога биле запрени старите котли што користеле јаглен како погонско гориво.
Во првата половина на седумдесеттите години на оџакот бил поставен знак со логото на „Алкалоид“. Со тоа, некогашниот функционален дел од фабриката добил ново значење и со текот на времето прераснал во еден од најпрепознатливите визуелни симболи на компанијата.
Со цел да се зачува овој дел од индустриското наследство, во 2012 година Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС) изработил проект врз основа на кој биле спроведени темелна санација и конструктивно зајакнување на оџакот. При санацијата, оригиналниот знак со логото бил симнат и зачуван, а на негово место бил поставен нов.
Денес, оригиналниот знак е поставен на влезот на локалитетот на „Алкалоид“ во Автокоманда. Тој е интегриран во уметничка инсталација специјално осмислена и изработена од македонскиот артист Сатја Грабул, внук на Јордан и Искра Грабул, авторите на крушевскиот „Македониум“.
По повеќе од пет децении поминати на врвот на фабричкиот оџак, знакот со логото сега е трајно зачуван како автентичен дел од историјата на „Алкалоид“ и сведоштво за континуитетот на компанијата.
Деведесет години по основањето на „Алкалоид“, уметничката инсталација претставува потсетување на значењето на зачувувањето на сопствените корени и на вредните траги од минатото, кои остануваат за идните генерации.