Охридското Езеро се најде на врвот на изборот на патописците на магазинот „Time Out“ за најубави места во Европа, пред бројни познати туристички дестинации на континентот.
Магазинот го опишува Охридското Езеро како значително попристапна и помирна алтернатива на италијанското езеро Комо, познато по луксузните вили, славните личности и големиот број туристи.
Според „Time Out“, Европа крие голем број впечатливи езерски дестинации кои сè уште не се преплавени со туристи, а Охридското Езеро е издвоено како најдобар избор.
Едно од најстарите и најдлабоките езера во Европа се протега на границата меѓу Северна Македонија и Албанија. Кристално чистата сина вода, планините во позадина и крајбрежјето со историски населби, според патописците, создаваат пејзаж кој може да се мери со познатите италијански езера.
Главен туристички центар на македонската страна е Охрид, град кој се наоѓа непосредно покрај езерото и привлекува посетители со своето историско и природно наследство.
Старото градско јадро е препознатливо по тесните калдрмисани улички и бројните средновековни цркви. Позната е и легендата дека во минатото во Охрид имало 365 цркви – по една за секој ден во годината.
Препознатливиот изглед на градот го надополнуваат теракотните покриви кои се спуштаат кон езерото. Посетителите можат да уживаат во капење и разгледување на археолошките остатоци во текот на денот, додека вечерите се погодни за уживање во зајдисонцето зад околните планини.
„Time Out“ посочува дека сето тоа може да се доживее по значително попристапни цени во споредба со одморот на езерото Комо.
Поинаква атмосфера, според магазинот, нуди албанската страна на Охридското Езеро, каде што се наоѓаат помирни села и природни предели со помалку посетители. Меѓу нив е и селото Лин, познато по остатоците од стар мозаик, а покрај брегот има и кампови со достапно сместување.
На листата на „Time Out“ се најдоа и други европски знаменитости, меѓу кои италијанскиот град Алберобело во регионот Пуља, познат по традиционалните куќи „трули“, ботаничката градина Кју Гарденс во Лондон и архитектонското дело „Каса Батљо“ во Барселона, проектирано од Антони Гауди.
Охридското Езеро, сепак, се најде пред овие и бројни други познати европски дестинации, како препорака за патниците кои бараат спој на природни убавини, богата историја и помирен одмор без големи туристички гужви.