Околу 50 лица побарале лекарска помош во првите неколку часа од годинашниот Октоберфест во Минхен, соопшти официјалната медицинска служба.
Меѓу посетителите на кои им била укажана помош имало повеќе лица со повреди на главата и лицето, како и посетител со конвулзивен напад.
Првиот повик до итната медицинска служба пристигнал само девет минути по отворањето на влезовите, во 9 часот наутро.
Медицинските екипи првично интервенирале кај лице кое добило напад, но и кај посетители кои се здобиле со повреди при падови и други полесни повреди за време на традиционалното утринско трчање кон шаторите.
Само 20 минути по официјалното отворање на фестивалот во 12 часот, лекарите интервенирале кај 50-годишен германски државјанин поради кардиоваскуларни проблеми.
Се претпоставува дека неговата состојба била поврзана со стрес, по што бил пренесен во болница.
Првиот случај поврзан со алкохол бил регистриран во 15:45 часот. 19-годишен жител на Минхен не можел да стои на нозе, по што неговите пријатели повикале помош. Лекарите му ги провериле виталните функции и му дале инфузија.
За првиот ден на Октоберфестот биле ангажирани 150 членови на медицинските екипи, меѓу кои и 10 лекари.
Во текот на целиот фестивал, за посетителите ќе се грижат околу 430 медицински работници и 36 лекари.
Октоберфест ќе трае до 4 октомври, а организаторите очекуваат фестивалот да го посетат повеќе од шест милиони луѓе.