Минхен сака да спречи големи гужви на најголемата народна прослава во светот, и тоа со помош на вештачка интелигенција. Што уште треба да знаете за годинашниот Октоберфест?
Во сабота, 19 септември, низ Минхен повторно ќе одекне познатото „O'capft is“, што на стандарден германски значи дека е отворено првото буре пиво. Градоначалникот на Минхен традиционално го отвора првото буре и со тоа го означува официјалниот почеток на годинашниот Октоберфест, кој трае до 4 октомври.
Октоберфест се смета за најголемата народна прослава во светот. Канабисот е забранет на целиот фестивалски простор. Алкохол, сепак, секој може да пие колку што сака, односно колку што може да поднесе и да си дозволи.
Една мера пиво, односно еден литар пиво во кригла, годинава чини меѓу 14,80 и 15,90 евра. Тоа е само малку повеќе од минатата година.
Литар обична вода чини дури 11 евра, но на посетителите им се достапни и неколку чешми со вода за пиење.
Бројни локали и понатаму примаат исклучиво готовина. Оние кои не сметале на тоа можат на лице место да подигнат пари од банкомат.
Кој сака да проба некоја од бројните фестивалски атракции, треба да биде што е можно потрезен. Цените на возењата се движат од нешто помалку од пет до 14 евра.
Германската традиција на патувачки забавувачи и сопственици на фестивалски атракции официјално во 2026 година е вклучена на листата на нематеријално културно наследство на УНЕСКО. Таа традиција живее и на 191. Октоберфест: според организаторите, околу 90 отсто од повеќе од 130 забавни и угостителски претпријатија кои учествуваат на фестивалот имаат корени уште од 19 век.
Посетителите од Баварија кои се држат до традицијата, по правило носат народна носија. За сите останати, кожните панталони и дирндлот не се задолжителни, но секако се една од можностите.
Градската служба задолжена за промоција на манифестацијата ги советува оние кои првпат доаѓаат на Октоберфест најпрво да изнајмат народна носија.
Просторот на кој се одржува фестивалот е огромен: Октоберфест на Терезината ливада се простира на дури 34,5 хектари, што одговара на површина од околу 48 фудбалски терени.
Но гужвите, особено за време на викендите, се големи, понекогаш и преголеми. Минатата година влезовите во еден момент мораше да бидат затворени.
Причината е тоа што во речиси сите 38 фестивалски шатори гостите се менуваат во две или три резервирани смени. Кога ќе дојде време за смена на гостите на масите во 14 големи шатори, од кои секој прима по неколку илјади луѓе, огромна маса луѓе истовремено се обидува да влезе и да излезе.
За тоа да не се повтори во иднина, градот Минхен за оваа година го измени безбедносниот план. Основан е и нов координативен центар кој треба да обезбеди подобра размена на информации меѓу надлежните безбедносни служби и организаторите на фестивалот.
На фестивалскиот простор се поставени 26 нови камери, покрај 56-те полициски. На терен ќе бидат ангажирани и 600 полицајци.
Вештачката интелигенција го анализира движењето на посетителите и испраќа предупредување кога гужвата ќе стане преголема.
Организаторите и полицијата се подготвиле и за заштита од дронови над фестивалскиот простор, но деталите за тие мерки не се соопштени.