Саудиска Арабија во вториот квартал од годинава го забележа најголемиот економски пад од времето на пандемијата на ковид-19, при што најголем удар претрпе нафтениот сектор поради продолжените тензии и конфликтот меѓу САД, Израел и Иран.
Според прелиминарните податоци на Главната управа за статистика, бруто-домашниот производ во периодот од април до јуни се намалил за 4,8 проценти во споредба со истиот период лани. Во првиот квартал економијата бележеше раст од три проценти.
Најголем придонес за падот имал нафтениот сектор, каде што активноста се намалила за 24,7 проценти, по растот од 2,9 проценти во претходниот квартал. Истовремено, ненафтениот сектор, кој властите го развиваат за да ја намалат зависноста од извозот на нафта, пораснал за само 0,6 проценти, наспроти 2,9 проценти во првите три месеци од годината.
Податоците покажуваат дека конфликтот во регионот создава сериозен притисок врз саудиската економија. Во текот на судирите, Иран повеќепати изведуваше напади врз американски сојузници во Персискиот Залив, вклучително и врз саудиски енергетски објекти.
Дополнителен удар врз извозот предизвикаа нарушувањата во Ормускиот Теснец, една од најважните светски поморски рути за транспорт на нафта. Иако извозот накратко беше обновен по привремениот договор за прекин на огнот меѓу САД и Иран, новите закани повторно ја зголемија неизвесноста.
За да ги ублажи последиците, Саудиска Арабија пренасочи дел од извозот преку нафтоводот до пристаништето Јанбу на Црвеното Море, обезбедувајќи алтернативен излез кон светските пазари. Сепак, ризик претставуваат и заканите од јеменските хути за напади врз саудиски пристаништа и бродови.
И покрај намаленото производство, земјата делумно има корист од повисоките цени на нафтата, кои достигнаа 92,7 долари за барел.
Меѓународниот монетарен фонд оцени дека Саудиска Арабија покажува отпорност благодарение на стабилните макроекономски показатели и развиената енергетска и логистичка инфраструктура.
Според проценките на Фондот, економијата би требало повторно да закрепне со постепеното нормализирање на поморскиот сообраќај низ Ормускиот Теснец. За 2026 година се прогнозира економски раст од 1,7 проценти, а во следната година растот би можел да се забрза на 5,5 проценти, поттикнат од инвестиции, државни инфраструктурни проекти и реформите во рамките на програмата „Визија 2030“.