Потпретседателот на ДУИ, Бујар Османи, се обратил до претставниците на меѓународната заедница во врска со студентските протести за полагањето на правосудниот испит на албански јазик.
Во писмото, тој наведува дека Владата погрешно ја прикажува природата на протестите, етикетирајќи ги како партиски. Според Османи, ваквите оценки не ја одразуваат реалната загриженост на студентите, која е поврзана со спроведувањето на постојните права.
„Во овој контекст, ги разјаснив и неточните толкувања на мислењето на Венецијанската комисија. Мислењето од март 2025 година не се однесува на ограничувањето на јазичните права и не се повикува на нашето законодавство, туку се фокусира на практичните аспекти на спроведувањето, како што се трошоците и логистичката поддршка, нагласувајќи дека ова се минимални стандарди што мора да се исполнат“, вели Османи.
Потпретседателот на ДУИ, Бујар Османи, истакна дека комуникацијата со меѓународната заедница, базирана на факти и објективно прикажување на реалноста, е клучна за целосна имплементација на правата на студентите.
Премиерот Христијан Мицкоски, пак, изјави дека Владата ги информирала НАТО и ЕУ за обид за дестабилизација од страна на опозицијата за време на протестот во Скопје, на кој студенти побараа полагање на правосудниот испит на албански јазик. Според Мицкоски, присуството на голем број опозициски активисти и високи функционери му дало политичка конотација на протестот.