Жени добија оштета од фармацевтски гигант, бебешка пудра им донела рак на јајници
На фармацевтскиот гигант „Џонсон и Џонсон“ му е наложено да исплати вкупно 40 милиони долари отштета на две жени кои тврдат дека долготрајната употреба на бебешка пудра со талк придонела за развој на рак на јајници.Поротата на Вишиот суд во Лос Анџелес донесе одлука со која на Моника Кент ѝ се доделени 18 милиони долари, додека на Дебора Шулц и нејзиниот сопруг им се досудени 22 милиони долари. Според пресудата, компанијата со децении била свесна за потенцијалните здравствени ризици од производите на база на талк, но не ги информирала потрошувачите за можните последици, пренесува британски „Гардијан“.Од „Џонсон и Џонсон“ најавија дека ќе поднесат жалба. Потпретседателот задолжен за судски постапки, Ерик Хас, изјави дека компанијата очекува пресудата да биде поништена, нагласувајќи дека, според нив, доказите не ја потврдуваат врската меѓу талкот и ракот.Според судските документи, на Моника Кент ѝ бил дијагностициран рак на јајници во 2014 година, а на Дебора Шулц во 2018 година. Двете жени сведочеа дека користеле бебешка пудра од брендот „J&J“ повеќе од четири децении. Тие изјавиле дека поминале низ сериозни медицински интервенции, вклучително и обемни хируршки зафати и повеќекратни циклуси хемотерапија.Адвокатот на тужителите, Енди Бурчфилд, во завршниот збор пред поротата изјави дека компанијата уште во 1960-тите години имала сознанија дека производите со талк можат да бидат поврзани со појава на рак, но, како што рече, тие информации биле намерно сокривани од јавноста.Одбраната на компанијата, пак, тврди дека нема релевантни научни докази кои ја потврдуваат причинско-последичната врска меѓу употребата на талк и ракот на јајниците. Адвокатката Алисон Браун истакна дека тужбите се темелат на тврдења кои не се поткрепени со валидни и прифатени научни студии.Според судските поднесоци, „Џонсон и Џонсон“ во моментов се соочуваат со повеќе од 67.000 тужби поврзани со нивните производи од талк. Компанијата и понатаму тврди дека нејзините производи се безбедни и дека не содржат азбест, но во 2020 година престана да продава бебешка пудра на база на талк на американскиот пазар.
Магазин | пред 1 седмица