Во Скопје денеска беше отворена изложбата „Road to Liberty“ („Патот до слободата“), организирана по повод 250-годишнината од независноста на Соединетите Американски Држави.
На отворањето присуствуваа претставници на Градот Скопје, вршителката на должноста амбасадор на САД Никол Варнс, како и претставници на Амбасадата на САД и Американското катче во Скопје.
Преку историски приказни, идеи и интерактивни содржини, изложбата ја прикажува историјата на САД и ги истакнува вредностите на слободата, еднаквоста и човековото достоинство, со посебен акцент на младите.
Од Градот Скопје посочија дека изложбата претставува можност за дополнително зајакнување на пријателството и соработката меѓу Македонија и САД, како и за создавање нови можности за културна размена, стекнување знаења и поврзување на младите.
Од градските власти упатија благодарност до Амбасадата на САД и Американското катче за соработката, со уверување дека партнерството ќе продолжи преку нови иницијативи од интерес за граѓаните и младите.
На настанот беше упатена и честитка по повод 250-годишнината од независноста на Соединетите Американски Држави.