Легендарниот шпански кошаркар Пау Гасол смета дека Виктор Вембањама мора дополнително да ја зголеми физичката сила за целосно да го искористи својот огромен потенцијал во НБА.
Според Гасол, центарот на Сан Антонио Спарс е највлијателен кога игра блиску до кошот, каде што неговата висина и распонот на рацете му овозможуваат да доминира и во нападот и во одбраната.
„Има исклучително силен натпреварувачки дух и сè уште е многу млад, па постепено ја насочува енергијата што ја носи младоста. Пресуден е кога може да биде блиску до кошот и во нападот и во одбраната“, вели Гасол.
Иако Вембањама има одличен шут за кошаркар со неговата висина, Гасол смета дека најголемата предност треба да му биде играта во рекетот.
„Колку и да може да шутира од далечина, навистина е пресуден во рекетот. Мора физички да се подготви за подобро да го поднесува тој притисок и да има поголема издржливост во такви ситуации“, порача поранешниот НБА шампион.
Гасол зборуваше и за своето искуство по доаѓањето во Лос Анџелес Лејкерс во 2008 година и соработката со Коби Брајант. Тој објасни дека промената на улогата во тимот го натерала да преземе поголема одговорност во одбраната.
Според него, морал да ја пренасочи дел од енергијата што претходно ја трошел во нападот кон одбранбените задачи, особено во чувањето на најдобрите високи играчи на противничките тимови.
Гасол смета дека и Вембањама со правилна физичка подготовка може дополнително да го подигне своето ниво и да стане уште подоминантен играч.